Зошто ги демнеме бившите партнери на Фејсбук?

Зошто е тоа така? Што не поттикнува на такво, на некој начин, манијакално однесување?

Едно ново истражување, објавено во „Cyberpsychology“, ја објаснува психологијата зад овој интерперсонален електронски надзор.

Авторите на истражувањето, д-р Џеси Фокс од Државниот универзитет во Охајо, Колумбија и д-р Роберт С. Токунага од Универзитетот во Хаваи, во Маноа, Хонолулу, ја проценувале поврзаноста меѓу различните фактори во врската кои се однесуваат на посветеноста кон самата врска, како на пр. приврзаноста, вложувањето во врската, барањето на други алтернативи по престанокот на врската, како и емоционалната болка потоа.

Откриле дека нивото на посветеност во врската е директно поврзано со нивото на вознемиреност по раскинувањето. Колку е поголемо нивото на вознемиреност, толку е поголемо демнењето на социјалните медиуми. Ова особено важи за партнерот кој не бил иницијатор на раскинувањето.

Истражувањето вклучувало 431 учесник. Секој од нив во текот на изминатата година ја прекинал романтичната врска со својот партнер. Тие пополниле анкета која го мерела присуството на различните фактори во врската и резултатите покажале дека оние кои биле најмногу трауматизирани од прекинот на врската, повеќе ги деменеле своите поранешни партнери на Фејсбук.

Истражувањето ги оценува социјалните медиуми како потенцијално штетни за оние кои ги демнат своите поранешни партнери, бидејќи е очигледно дека опсесијата може да ги врати сеќавањата, да предизвика љубомора и да ја зголеми вознемиреноста, или депресијата. Депресијата, како и желбата за обновување на врската се најчестите последици по прекинувањето на врската, кои може да се сметаат како механизам за справување со ситуацијата или нешто што го продолжува стресот.

На крај, авторите истакнуваат дека социјалните медиуми ќе продолжат да играат клучна улога во ескалацијата, одржувањето и прекинувањето на романтичните врски, па останува само да се види кои социјални однесувања се конструктивни, а кои деструктивни.

Поддржете ја нашата работа: