Рацете и дланките се делови од нашето тело кои најмногу ги користиме, и тие мораат постојано да го менуваат својот облик со цел да се приспособат за сите наши активности – пишување, држење, истегнување и слично. Поконкретно, надворешниот дел од кожата мора да се приспособи на комплексни положби.
Голема улога играат нејзините линии. Имено, тие линии, и помагаат на кожата да се истегне и повторно да се собере, зависно од тоа што правиме со рацете, и ја делат дланката кај деловите кои се виткаат. Линиите на дланката и помагаат на кожата да се завие преку дланката кога ќе го промениме нејзиниот облик. Со други зборови, кога не би ги имале тие линии, кожата би ни висела на дланките.
Погледнете ја внимателно својата дланка и ќе видите дека секоја линија има место каде таа се витка. Истото важи и за линиите на лактите, колената, зглобовите и слично. Линиите кои ни ја држат кожата настануваат уште пред да се родиме, околу дванаесеттата недела од зачетокот. Дебелината и бројот на линии на дланките зависи од фактори како што се расата и генетиката.
Повеќето луѓе имаат три главни линии на дланката, а некои имаат само една, што може да упатува на абнормален развој на бебето во утробата, односно Даунов синдром, Фетален алкохолен синдром или други генетски нарушувања.