Најдлабоката дупка на светот (ВИДЕО)

Длабоко во западна Русија, покриена со метален диск, се наоѓа најдлабоката дупка во светот. Оваа дупка е длабока повеќе од 12 километри – открива Хенк Грин во оваа епизода на „SciShow“.

Колку споредбено изнесува 12 километри? Тоа е подлабоко од најдлабоката точка во океаните и претставува најдлабоката дупка што е ископана на Земјата. Се нарекува „Kola Superdeep Borehole“ (или Колска супердлабока бушотина) и е ископана единствено за  научни цели (а не за вадење на нафта).

Кога советските научници, за време на 1970-тите години почнале да дупчат од површината на Земјата во длабочина, целта била да дојдат до повеќе сознанија за составот на Земјината кора. Бидејќи, како што вели Хенк во видеото, „Вистина е дека помалку знаеме што се наоѓа под нашите нозе  отколку на другиот крај на Сончевиот Систем“. Во тек на 24 години, до 1994 година, научниците дупчеле во длабочина сѐ додека не стигнале онолку длабоко колку што се надевале, а тоа изнесувало нешто повеќе од 12 километри. Овој рекорд до денес не е надминат, како и извонредната техника на дупчење што ја развиле научниците за да можат да стигнат толку длабоко.

Но, што всушност сме научиле од овој тежок зафат? Како што се вели во видеото – многу. Како прво, фактот дека има вода на 12 километри во Земјината кора, за што научниците не би ни помислиле дека е можно, доколку не виделе со свои очи. На речиси седум километри длабочина, тие откриле и микроскопски фосили од 24 видови на одамна изумрени едноклеточни организми.

Покрај тоа, тие успеале да стигнат до карпи стари 2,7 милијарди години, што е неверојатно, но овие карпи биле предизвик што научниците не успеале да го поминат.

Зошто?

Бидејќи нивната температура изнесувала 180 степени Целзиусови или за 80 степени повеќе од она што  научниците го предвиделе.

Дали некогаш ќе успееме да стигнеме подлабоко од ова? Од 1994 година поминато е доста време, па никогаш не се знае.

Поддржете ја нашата работа: