Бактерии собрани на повеќе од едeн километар под површината на Тихиот океан можеби решија една од најголемите дилеми на имунологијата. Тие микроорганизми се толку туѓи за луѓето што нашите имунолошки клетки дури и не ги регистрираат дека постојат, што ги прави целосно невидливи за нашиот организам.
Ова тотално е во спротивност со еден од класичните принципи на имунологија – дека човечкиот имунолошки систем еволуирал до степен да може да ги насети сите микроби со цел да спречи инфекција.
“Идејата беше дека имунолошкиот систем е генералист, не му е грижа дали нешто е закана или не, тој едноставно се ослободува од тоа. Но, никој досега не ја тестирал претпоставката”, вели Џонатан Каган, имунолог во Бостонската детска болница и еден од водачите на студијата.
За да го докажат тоа, истражувачите морале да пронајдат бактерии кои најверојатно немале претходен контакт со имунолошкиот систем на цицачите. Избрале далечно место, во централниот дел на Тихиот океан, во заштитената област на островите Феникс во Кирибати, 2.600 километри југозападно од Хаваи.
„Таму не само што е мошне длабоко, туку тоа е древен, оддалечен и најзаштитен дел од океанот“, изјавил за Live Science коавторот на студијата, Ранди Ротјан, поморски еколог на Универзитетот во Бостон.
“Длабоко е 4.000 метри и нема цицачи. Тоа е на екваторијалниот дел, каде што не се појавуваат ниту китовите”, додава Ротјан, повикувајќи се на фактот дека овие џиновски цицачи имаат тенденција да се размножуваат на едната хемисфера и да се хранат на другата.
Истражувачите користеле далечински наведувана подморница за да соберат примероци на морски бактерии од различни подводни организми и подводен талог. Ги распределиле во 117 култивациски делови. Откако ги идентификувале карактеристиките на бактериите, истражувачите внеле 50 од нив во имуните клетки на глувци и на човек. На нивно изненадување, откриле дека 80 проценти од микробите, главно припаѓаат на родот Моритела, кои рецепторите на имуните клетки користени во студијата, не биле во можност да ги детектираат.
Сепак и покрај нивната способност да го избегнат нашиот одбранбен систем, истражувачите велат дека овие морски бактерии од длабочините не претставуваат никаков ризик за инфицирање на луѓето.
“Температурата, притисоците и хемиската средина во нашите тела се многу различни од оние на дното на океанот. Овие бактерии не би издржале повеќе од неколку минути надвор од нивното вообичаено живеалиште“, додаваат научниците.
Сега, кога истражувачите поставија основа за тоа како овие бактерии комуницираат со нашиот имунолошки систем, планираат да го применат ова знаење за да помогнат во развој на подобра имунотерапија. Тие исто така се надеваат дека ќе се вратат на Кирибати за да ги испитаат имунитетните системи на организмите што овие бактерии еволуирале до степен да можат да ги инфицираат.
Извор: LifeScience