НАСА за најмалку четири дена го одложи првото лансирање на џиновската ракета од нова генерација, која требаше да понесе капсула без екипаж на шестнеделен пробен лет околу Месечината и назад 50 години по последната Аполо мисија.
Џиновската двостепена ракета Спејс лонч систем (СЛС) и нејзината капсула за екипаж Орион, во мисијата наречена Артемис 1, требаше да полетаат од Вселенскиот центар Кенеди во Кејп Канаверал на Флорида, но часовникот за одбројување беше сопрен на околу 40 минути пред лансирањето предвидено за 14:33 по средноевропско време.
НАСА објави дека е детектиран проблем на еден од главните мотори на ракетата откако почна полнењето на резервоарите за гориво со кислород и водород.
Американската вселенска агенција не објави кога точно ќе се повтори пробното лансирање, но наведе дека првиот можен датум е петок, 2 септември.
Прогласена за најсилна и најкомплексна ракета во светот, СЛС претставува наголен нов вертикален лансирен систем кој американската НАСА го изградила откако Сатурн 5 леташе за време на програмата Аполо на Месечината во 1960-тите и 1970-тите години.
Капсулата Орион има симулиран тричлен екипаж – една машка и две женски кукли – опремени со сензори за мерење на нивото на радијација и други стресови кои астронаутите би ги доживеале.
Главната цел на мисијата е да се тестира издржливоста на топлотниот штит на Орион при повторното влегување во Земјината атмосфера со брзина од 39.429 км/ч, или 32 пати побрзо од брзината на звукот, при враќањето на орбитата на Месечината – многу побрзо од вообичаените повторни влегувања на капсулите со астронаути кои се враќаат од ниската орбита на Земјата.
Програмата Артемис, наречена по божицата, сестра близначка на Аполон во старогрчката митологија, има цел да ги врати астронаутите на површината на Месечината уште во 2025 година и да воспостави долгорочна лунарна колонија како отскочна даска за поамбициозните идни патувања со човечки екипаж на Марс.
Развивана повеќе децении, со години доцнење и милијарди долари преку буџетот, вселенското летало СЛС-Орион досега ја чини НАСА најмалку 37 милијарди долари, вклучувајќи ги дизајнот, конструкцијата, тестирањето и објектите на Земјата.