ОН: Плановите за фосилни горива ги загрозуваат плановите за заштита на климата

Земјите во светот во моментов планираат повеќе од двојно да го зголемат производство на јаглен, нафта и гас што не е во согласност со плановите за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови, соопштија Обединетите нации (ОН) во извештајот објавен денеска.

На десет дена пред Самитот за климата во Глазгов кој се смета за клучен за одржливоста на температурните цели од Парискиот договор, Програмата на ОН за животна средина наведува дека плановите на земјите за производство на фосилни горива во оваа деценија се „опасно неконзистентни“ со потребното намалување на емисиите.

Од ОН велат дека емисиите на штетни гасови мора да се намалат за речиси 50 проценти до 2030 година и на нула до средината на векот, со цел да се ограничи затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови во однос на прединдустриското ниво.

Но, извештајот покажува дека вкупното производство на фосилни горива најверојатно ќе се зголеми, барем до 2040 година.

Плановите за развој покажуваат дека оваа деценија ќе се произведуваат фосилни горива за 110 проценти повеќе во однос на предвиденото според потребите за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени и за 45 проценти повеќе во деловите од светот каде што температурите се зголемуваат за два степени целзиусови.

„Резултатите од истражувањето се јасни: глобалното производство на јаглен, нафта и гас мора да почне да опаѓа веднаш и нагло за да биде во согласност со ограничувањето на долгорочното затоплување“, изјави Плој Ачакулвисут – главен автор на извештајот од Стокхолмскиот институт за животна средина.

Тој додава дека и покрај тоа државите продолжуваат да планираат и ги поддржуваат нивоата на производство на фосилни горива кои далеку ги надминуваат количините за кои може да се каже дека ќе бидат согорени на безбеден начин.

Со сегашната стапка на затоплување од 1,1 степен целзиусов, планетата се повеќе се соочува со зачестени суши, поплави и бури кои стануваат посилни со зголемувањето на нивоата на морињата.

Според Парискиот договор од 2015 година, земјите се обврзаа да го ограничат затоплувањето меѓу 1,5 до 2 целзиусови степени преку значително намалување на емисиите на стакленички гасови.

Поддржете ја нашата работа: