Швеѓаните се познати по својата досетливост при дизајнирање мебел со прифатливи цени. Но, сега една шведска компанија, инспирирана од таквиот начин на размислување, реши да оди чекор понатаму и да направи автомобил на склопување.
Компанијата „Лавли“ (Luvly) го претстави својот концепт на автомобил „лавли О“, кој може да им се испорача на купувачите во кутија. Овој микроавтомобил има место за две лица и може да достигне максимална брзина од 90 километри на час. Со вкупна тежина од само 450 килограми, автомобилот е наменет за секојдневно патување во урбаните средини.
Сепак, иако компанијата што го дизајнирала може да го испрати на вашата домашна адреса во кутии со упатства за склопување, доколку навистина сакате да го возите на пат, ситуацијата станува малку покомплицирана. Имено, за да биде навистина безбеден за возење и подготвен да ги помине сите технички и безбедносни проверки, автомобилот мора да биде склопен во овластена фабрика за автомобили пред испораката до купувачот.
View this post on Instagram
Директорот на компанијата, Хакан Луц, истакнува дека микроавтомобилите на патиштата не се ништо ново, но она што отсекогаш најмногу ги загрижувало луѓето е нивната безбедност. Со цел да го решат овој проблем и да го направат својот микроавтомобил што е можно побезбеден, Луц и неговиот тим се инспирирале во болидите на „Формула 1“. Така, „Лавли О“ има рамка составена од алуминиум обложена со лесна пластична пена. Таквата структура, објаснува Луц, треба да овозможи амортизација на ударот и заштита на возачот.
Сепак, тие не знаат дали оваа идеја навистина функционира. Иако спроведувањето тестови не е задолжително за толку мали автомобили, автомобилот бил тестиран користејќи компјутерски симулации. Не е евтино да се користат компјутери, но е многу поевтино од уништување на вистински автомобили, истакнува Луц.
Ниската цена е токму она што „Лавли“ сака да им го понуди на своите клиенти. Нивниот автомобил, кој уште е во фаза на тестирање, треба да се најде на пазарот следната година по цена од околу 10.000 евра.
Извор: CNN