Денес за неа малку се зборува, а некогаш будеше надежи, но и стравови: Што научивме од клонираната овца Доли?

Во јули 1996 година, светот беше шокиран од веста за првиот успешно клониран цицач. Кај некои тоа поттикна надежи, а кај други стравови. Што се оствари и кои се најголемите придонеси на овците во науката за Доли?

Обично одмерениот неделник „Шпигел“ во 1996 година изненади многумина со вестите на насловната страница за првиот клониран цицач, овцата Доли, покрај која маршираа клонираните фигури на Адолф Хитлер, Алберт Ајнштајн и Клаудија Шифер. Над монтажата стоеше насловот: „Грев“.

Таа насловна страница добро ги илустрира реакциите што тогаш ги предизвика веста дека „човекот си игра Бог“.

Сите зборуваа за Доли

Многу научници долго време ја сметаа веста за „новинарска патка“. „Не верувам дека ембрион може да се клонира од клетките“, изјави германскиот имунолог и генетичар Клаус Рајевски непосредно по откривањето на постоењето на клонираната овца. На еден конгрес ја изнесе тезата дека се работи за „лабораториска грешка“. Меѓутоа, набргу потоа се испоставило дека овој германски научник всушност бил во заблуда.

Денес, речиси 26 години подоцна и во научните кругови многу потрезно се дискутира за Доли. Експериментите за клонирање долго време се спроведуваат во Институтот Рослин на Универзитетот во Единбург, каде што е родена Доли.

Директорот на институтот, Брус Вајтлоу, смета дека Доли направила многу за ширење на знаењето за биолошките достигнувања.

“Доли ја донесе биологијата на масите во трпезаријата, луѓето зборуваа за неа на појадок или во јавниот превоз. Биологијата беше насекаде. Мислам дека тоа е најголемата заслуга на овцата Доли”, рече Вајтлоу, гледајќи на тоа од денешна перспектива.

Научната тежина на ова откритие не лежи толку во клонирањето, односно создавањето генетски идентична копија на една индивидуа. Тоа беше повеќе за докажување дека клетките кои веќе имаат функција во телото може да се трансформираат во матични клетки чија улога сè уште не е дефинирана“, вели Витлоу. Дотогаш се сметаше дека клетките можат понатаму да се развиваат само ако се ембрионални клетки.

Нема клонирање луѓе

Стравувањата дека откритието ќе поттикне масовно клонирање на луѓе не се остварија. Сепак, Вајтлоу смета дека оваа дискусија била важна за да се дефинираат некои стандарди во науката. Ендрју Киченер од Националниот музеј во Единбург, каде што е изложена препарираната Доли, не верува дека воопшто ќе се случи човечко клонирање. „Такво нешто едноставно нема практична цел. Освен тоа, клонирањето човечки суштества насекаде во светот е забрането од етички причини. Не можам ни да замислам дека тоа може да се промени“, вели Киченер.

Сепак, тоа не значи дека не се клонира – особено во комерцијалниот сектор, кај животни со посебни карактеристики, како што се тркачките коњи. Некои сакаат да клонираат сакано куче и се подготвени да платат до 50.000 долари за тоа.

Научно (и комерцијално), поинтересен од клонирањето е методот на молекуларни ножици, кои можат да го променат генот на клетката и со тоа да ја зголемат отпорноста кон некои болести. Институтот Рослин во Единбург работи на генетски модифицирани свињи кои се отпорни на некои болести. Сличен метод може да се користи кај луѓето за лекување на некои неизлечиви болести, како СИДА или некои форми на рак.

Името Доли – сексистички испад?

За овцата Доли денес сѐ помалку се дебатира. Единственото нешто што сè уште буди духови е нејзиното име. Бидејќи Доли била клонирана со клетки од вимето, некој што сакал да биде духовит ја нарекол овцата по американската кантри ѕвезда Доли Партон, која покрај по пеењето е позната и по големината на градите. Но, тој невкус не го возбудува кустосот Киченер. „Мислам дека терминот Доли во меѓувреме стана независен од неговото потекло“, рече тој.

Поддржете ја нашата работа: