КРИМИНАЛНА ЕКОНОМИЈА; Како функционира перењето пари

Перењето пари, едноставно кажано, е процес со кој парите што доаѓаат од изворот – „А“, треба да се прикаже дека доаѓаат од изворот „Б“. Криминалците, нарко босовите, корумпираните политичари и слично, поседуваат голема количина „валкани“ пари. За да можат, без да станат сомнителни, да ги користат за приватни цели мора да го сокријат нивното нелегално потекло, односно да ги исперат.

Перењето пари е процес што допира далеку во историјата, а за да се разбере треба да се истражи мистериозниот свет на тајните сметки, оф-шор банкарството и шел-компаниите.

Како модерен феномен, перењето пари својата пролиферација ја доживеално во САД после Втората светска војна, со порастот на организираниот криминал, кога мафијата имала потреба да испере голема количина валкани пари. Подоцна, во осумдесетите години, таа активност повторно доживеала експанзија со порастот на нарко-картелите, који преку Колумбија пренесувале кокаин во САД.

ФАЗИ

Во перењето пари има три фази:

Вложување:

Ставање на парите во легален финансиски систем. Тоа е најризичната фаза бидејќи големите пари привлекуваат и големо внимание, па во многу држави банките се должни да ја пријават на властите секоја трансакција што надминува одредена сума. Вложувањето има за цел да овозможи влез на валканите пари во легален оптек.

Депонирањето на кешот се прави на различни начини:
– негово шверцување преку граница во друга држава
– конвертирање во друга валута
– купување на акции или обврзници
– соработка со корумпирани банкарски службеници и тн.

Раслојување:

Втората фаза се состои од одалечување на парите од неговиот нелегален извор низ серија на финансиски трансакции.

Тоа е возможно на различни начини:
– Повеќекратни уплати и исплати со различни износи
– Комплексни и брзи финансиски трансакции за да се прикрие трагот и да им се отежне истрагата на финансиските државни органи.

Интеграција:

Откако парите ќе бидат ставени во легалниот финансиски состав и откако ќе му биде избришана трагата, настапува фазата на негова интеграција, кога парите му се враќаат на корисникот од наизглед легален извор. Тогаш криминалците можат да ги користат парите за купување на луксузни предмети како, авиони, вили, скапоцени камења или повторно да ги вложуваат во (не)легални бизниси.

ТЕХНИКИ

Постојат различни техники за перење пари и финансиските експерти често ги користат за што подобро да ги прикријат трагите на парите.

Смурфинг

Американскиот закон им наложува на банките да ги пријават секоја депозит поголем од 10.000 долари. Една од техниките за перење пари е таканаречениот „смурфинг“ (анг. smurf = штрумф). Алудирајќи на познатиот цртан филм, „Штрумфови“, техниката се состои од употреба на голем број лица кои уплаќаат мали депозити во националните и во странски банки за да се остане „под радарот“.

Оф-шор сметки

Оф-шор банкарството е термин што означува ставање на парите во банки надвор од матичната држава и тоа во земји што нудат разни финансиски поволности, како ниски или никакви даноци, тајни сметки, голема анонимност, олеснета контролна регулатива над финансиите и слично. Меѓу најголемите меѓународни центри за оф-шор банкарство се Бахреин, Кајманските острови, Бахами, Хонг Конг, Антили, Панама и Сингапур. (Швајцарија и покрај тајните сметки го потпиша договорот со ЕУ и САД за размена на податоци).

Шел-компании:

Станува збор за компании основани во странство кои нудат голема анонимност во поглед на сопственоста на сметката и на финансиските трансакции. Затоа често пати се користат од страна на криминалците кои преку тие компании издаваат фиктивни фактури за непостоечки услуги. Тие услуги се плаќаат со валканите пари, што овозможува наизглед легален извор на заработувачката.

Коцкарници:

Валканите пари се користат за купување жетони и после неколку одиграни серии криминалците или нивните соработници бараат исплата за остатокот на жетони. Така се создава покритие од легален извор, односно испрани пари.

Онлајн видео игри:

Онлајн игрите како World of Warcraft им овозможуваат на корисниците за вистински пари да купат разни предмети или онлајн валута која потоа можат повторно да ја конвертираат во вистински пари.

Вложување во легални бизниси:

Нелегалните средства често можат да се исперат така што се мешаат со пари од легален бизнис во сопственост на криминалците и на нивните соработници. Потоа се пумпаат приходите за да имаат покритие валканите пари. За таа цел најдобри се услужните дејности за кои е тешко да се проверат реалните приходи, на пример, казино, авто-пералница и сл.

Биткоин:

Еден модерен начин за перење пари е Биткоин. Се работи за крипто-валута настаната во 2008 година, која нуди цела низа поволности, како што е безбедно плаќање, анонимност, ослободување од трансакциски трошоци. Со валканите пари во анонимна оф-шор сметка може да се купат биткоини, кои исто така, се познати по својата анонимност. Истите потоа може да се конвертираат во други валути или да се искористат за купување на разен луксуз.

Хавала:

За разлика од Биткоинот, Хавала е неколку илјади години стар начин на паралелно банкарство создаден во некои делови на Азија, Блискиот исток и Африка. Се работи за неформален состав на плаќање втемелен на посредници или брокери.

Системот функционира на следниот начин: пример, имигрант од Пакистан, кој живее во САД, сака да испрати 500 долари на своето семејство преку Хавала системот. Тоа ќе го стори така што ќе се обрати на брокер во Америка и ќе му предаде 500 долари со сè лозинка поврзана за преносот на парите. Истовремено, брокерот во Америка ќе го контактира неговиот колега од Хавала системот во Пакистан и ќе го упати за трансакцијата и за лозинката. Потоа, семејството на пакистанскиот имигрант, кое исто така е веќе известено за лозинката за подигнување на парите, ќе дојде кај брокерот во Пакистан и ќе ги преземе парите. Со други зборови, со Хавала не доаѓа до финансиски трансфер, што ги смалува трошоците наспроти класичните финансиски методи. Тука брокерот во Пакистан дава пари од свој џеб, на доверба дека колегата од Америка ќе му го подмири долгот. Системот функционира надвор од законот и се одржува на доверба, чест и семејни врски.

Што се однесува до валутата што се користи за перењето на парите, со децении тоа беше американскиот долар. Но, во последно време и еврото сè повеќе се користи поради тоа што е мошне застапено во меѓународните финансиски трансакции, „полесно“ е, (100 долари е најголема американска банкнота, додека кај еврото најголема е 500). Еврото се користи во 19 државо на ЕУ, што го прави совршен за финансиски трансакции.

ЗАКЛУЧОЦИ

Перењето пари е еден широко распространет феномен. Со сè поголемиот развој на финансиските пазари тој процес станува сè покомплексен, а со него и правната регулатива која се обидува да го искорени. Поради наднационалниот карактер владите на многу држави имаат договори за различна соработка во тоа подрачје. Меѓутоа, голем предизвик претставува фактот што глобалната економија не е црно – бела. Постои една голема сива зона која се состои од банкарски тајни оф-шор сметки, шел – компании и сл. Тие финансиски ентитени не се задолжително легални, но имаат своја легална примена, па често пати се злоупотребени. Според експертите и покрај глобалните напори за спречување на перењето пари, се проценува дека годишно се перат помеѓу 500 и 1.000 милијарди долари.

Поддржете ја нашата работа: