3 причини поради кои се разболуваме во декември

Со зимата ни доаѓа и студот, и тоа не само надвор, туку и внатре во нашите тела. Веднаш штом температурите се спуштат, ние почнуваме да се разболуваме, да киваме и да кашламе, а за тоа постои причина, или поточно, три причини.

Ладно е!

За жал, нашите мајки биле во право кога ни викале да се облекуваме подобро. Истражувањата покажале дека најчестите вируси кои предизвикуваат настинка кај луѓето подобро се размножуваат во студени средини. Покрај тоа, студениот воздух, односно студените температури не прават поподложни на болести и инфекции, бидејќи нашиот имунолошки систем послабо реагира, објаснува „Popular Science“.

Темно е!

За многу луѓе во зимските месеци, особено оние што живеат на север, сонцето изгрева кога одат на работа а заоѓа пред да си отидат од работа. Тоа значи дека не уживаат во сончевите зраци како во другите месеци и како резултат на тоа кожата произведува помалку витамин Д. Иако не е научно докажано, некои истражувања сугерираат дека витаминот Д игра улога во природната одбрана на телото, конкретно за спречување на инфекциите на респираторниот систем.

Покрај тоа, витаминот Д е потребен за растењето на клетките и коските, како и апсорпцијата на калциум во организмот. Исто така се поврзува и со менталното здравје.

Насекаде е!

Законот на шансите ни кажува дека колку повеќе луѓе околу нас се болни, толку е поголема веројатноста и ние да се разболеме.

Центрите за контрола и превенција на болести не предупредуваат дека бактериите во капките кои се исфрлаат за време на кивањето или кашлањето, може да преживеат на површините како кваките на вратите, рачките на фрижидерите или пак бироата и работните маси во рок од два часа, па дури и повеќе, со што се забрзува нивното ширење.

Покрај тоа, луѓето може да се заразни дури и пред да знаат дека се болни, особено кога се работи за грип, па да не преземаат никакви мерки и да не се претпазливи во однос на другите луѓе.

Ваквите инфекции имаат долг домет – луѓето со грип може да го шират на другите и на оддалеченост од речиси 2 метри, предупредуваат од центрите.

Затоа, ве советуваме да бидете претпазливи и да се храните и облекувате добро во овие студени зимски месеци што ни претстојат.

Поддржете ја нашата работа: