7 лесни начини како да ја намалите болката

Една нова студија покажува дека ако го задржите здивот неколку секунди кога ве боли нешто, болката ќе се намали. Но, овој трик важи само ако ја очекувате болката (како на пример кога примате инјекција).

Сепак, еве седум лесни и научно докажани начини, како да ја намалите болката кога следниот пат ќе имате непријатна средба со чеканот, фиоката или вратата.

1. Помирисајте парфем
Слаткиот мирис на розата е доволен секого да го расположи, но се чини дека пријатниот мирис може да ја ублажи и  болката – барем кога се работи за жените. Жените што учествувале во едно истражување од 2002 година, ги ставиле рацете во топла вода (до степен кој предизвикува болка) и изјавиле дека болката била помала кога помирисале пријатна арома, на пример на цвеќе или бадем. Но, кога било побарано да мириснат оцет, болката се зголемила. Ваков ефект не бил постигнат кај мажите.

2.Пцујте како „кочијаш“
Ако вашата прва реакција кога ќе си го удрите палецот е да пцуете, тоа во тој случај не е така лошо. Според наодите на истражувачите од Универзитетот Кеел во Велика Британија, луѓето подобро се справуваат со болката кога пцујат, веројатно затоа што „непристојниот говор“ поттикнува хормонален одговор кој ја намалува болката. За жал, изгледа дека нема така добар ефект кај луѓе кои и онака често пцујат.

3. Изберете убава слика
Тим на истражувачи од Универзитетот Бари во Италија откриле дека покажувањето на убави слики ја редуцира болката кај луѓе со изгореници од ласер на рацете, а ги редуцира и активностите на регионите во мозокот кои служат за процесирање на болката.

4. Прекрстете ги рацете
Истражувачите од Универзитетскиот Колеџ Лондон, откриле дека со едноставно прекрстување на едната рака преку другата се намалувува болката предизвикана од ласер на задната страна на раката. Тие сметаат дека поставувањето на екстремитетите во невообичаена положба го „збунува“ мозокот и ги прекинува сигналите за болка.

5.Слушајте музика
Добро е познато дека убавата музика е лек за скршено срце, но се чини дека помага и при физичка болка. Луѓето на кои им се прават стоматолошки интервенции, помалку бараат анестезија ако гледаат некое музичко видео за време на интервенцијата. Исто така, луѓето кои чувствуваат болка после операција на рак, подобро се справуваат со болката ако слушаат амбиентална музика.

6. Љубете
Љубовта го прави светот поубав, а храната повкусна, но љубовта исто така може да ја намали и болката. Само со гледање во сликата на оној што го сакате, може да се намали интензитетот на болката. Но, мора да се работи за вистинска љубов – слики од други, атрактивни лица немаат ефект.

7. Допрете го болното место
Во 2010 година, научниците од Универзитетскиот Колеџ Лондон, откриле дека луѓето можеле повеќе да издржат болка од изгореница на нивните прсти, ако со другата рака го допирале изгореното место. Научниците велат дека допирот го намалува нивото на болка за 64% – веројатно затоа и се виткаме во позиција на фетус при грчеви во стомакот.

Поддржете ја нашата работа: