Во неделата на 8-ми мај во 11 часот, 95 проценти од потребите од електрична енергија во Германија биле задоволени од обновливи извори на енергија, што претставува огромно достигнување на една од индустриски најразвиените земји во светот.
Според извештајот на „Electrek“, за ваквиот висок процент придонеле сончевиот ден и јаките ветрови. Потрошувачката на енергија во тоа време во Германија изнесувала 57,8 гигавати од кои 45,2 проценти биле добиени преку соларна енергија, 36 проценти ветерна енергија, 8,9 проценти енергија од био маса и 4,8 проценти од хидроцентралите.
Во Германија во тек е иницијатива што се нарекува „Energiewende“ (енергетска транзиција), преку која владата се надева дека ќе ја редуцира емисијата на стакленички гасови за 80 до 95 проценти и ќе ја достигне целта 60 проценти од енергијата да биде од обновливи извори пред 2050 година. Достигнувањата од неделата се секако ветувачки, но за да ги постигне овие цели Германија ќе треба да зголеми ефикасноста на својата технологија и да најде начин за складрање на енергијата за деновите кои не се толку сончеви и ветровити. Со истите предизвици се соочуваат многу други земји во светот.
Сега во Германија постои поделеност на северот и југот, така што ветерните турбини се лоцирани главно во северниот дел, додека соларните електрани во јужниот дел на Германија. Властите исто така сакаат да го укинат производството на нуклеарна енергија до 2022 година, а ваква одлука била донесена по катастрофата во Фукушима, во Јапонија. Експертите се согласуваат дека со напорите да ги постигне поставените цели, Германија претставува добар пример за другите развиени земји.
Во последниве години, исто така беа постигнати ветувачки остварувања. Во 2015 година, Шкотска генерираше повеќе од половина од своите енергетски потреби од обновливи извори, Уругвај веќе задоволува 95 проценти, додека, во поголемиот дел од Австрија се постигнати 100 проценти енергија од обновлива извори.
Капацитетите на обновливите извори на енергија се зголемуваат во однос на алтернативните низ целиот свет, што претставува добар пат да добиваме 26 проценти од потребите од енергија преку природни извори до 2020 година.