Ракот е мистериозна болест од многу причини, но една од глвните мистерии е како и зошто се формираат туморите.
Две студии од Универзитетот во Ајова можеби го имаат клучниот увид во ова. Научниците успеале да ги снимат движењата на канцерските клетки од ткиво од градите кај човекот, во реално време и во 3Д. Се смета дека ова е прв пат континуирано да се сними движењето на канцерските клетки и нивното насобирање кога го формираат тумор.
Истражувачите откриле дека канцерските клетки активно „регрутираат“ здрави клетки во туморски, преку растегнување на еден вид на јаже со кое ги фаќаат соседните клетки – и здравите и канцерските, и ги вовлекуваат внатре. Истражувачите од Ајова велат дека се потребни само пет проценти канцерски клетки за да формираат тумор, процент кој досега беше непознат.
Овие наоди би можеле да обезбедат многу попрецизна идентификација на клетките кои формират тумори и тестирања за тоа кои антитела би биле најефикасни во нивно елиминирање.
Главното прашање сега е како овие клетки знаат што треба да прават? Хипотезата на истражувачите е дека ова влече корени од примитивното минато кога овие клетки биле програмирани да формираат ембриони. Ако е ова точно, веројатно канцерските клетки – маскирани како клетки кои формираат ембрион, привлекуваат други клетки за да направат ткиво што ќе ја формира основата за самоодржлива структура потребна за туморите да се формираат и да напредуваат.
Овие наоди додаваат дополнитена тежина на идејата дека туморите се создаваат истовремено на повеќе локации од индивидуални групи од клетки, кои користат јаже составено од канцерски клетки за да привлечат внатре повеќе клетки и така да се зголемуваат. Постојат и мислења дека туморите се зголемуваат преку промена на клетките во самата маса и ова е познато како „канцерска стем теорија“.
Во истражувањето, научниците исто така откриле дека канцерските клетки се движат скоро два пати побрзо од здравите клетки. Ова е важно, бидејќи ќе им помогне на научниците подобро да разберат колку брзо може да се создаваат туморите.
Истражувањето е објаавено во „American Journal of Cancer Research“.






























