Вештачка ретина, нова надеж за милиони луѓе

Научниците развиле имплант, вештачка мрежница (ретина), а тестирањата споведени на стаорци покажале дека може да го врати оштетениот вид. Тестирање на истата процедура кај луѓе се планира подоцна годинава.

Овој имплант би можел да биде нова надеж на лицата што патат од дегенерација на ретината – вклучително и „retinitis pigmentosa“, каде фоторецепторните клетки почнуваат да се распаѓаат, доведувајќи до слепило.

Мрежницата е комплексна структура што се с наоѓа на внатрешниот дел од очното јаболко, која содржи милиони фоторецепторни клетки. Но, мутацијата на некој од 240 досега идентификувани гени може да доведе до дегенерација на мрежницата, кога овие фоторецепторни клетки умираат, иако  невроните околу нив остануваат неоштетени.

Со оглед на тоа дека невроните остануваат неоштетини и функционални, претходните истражувања насочени кон третирање на „retinitis pigmentosa“ беа со помош на уред кој ги стимулира невроните со светлина, или преку уредување на гените, со „CRISPR“ методата, со што се поправаат мутацииите што предизвикуваат слепило.

Сега, тим од научници предводени од Италијанскиот институт за технологија, развиле нов пристап во третирањето на дегенеративните промени на мрежницата со  протеза имплантирана во окото која служи како функционална замена за оштетената мрежница.

Имплантот е направен од тенок слој од спроводлив полимер поставен на супстрат на база на свила и покриен со полупроводлив полимер.

Полуповодливиот полимер делува како фотоволтаичен материјал кој ги апсорбира фотоните кога светлината ќе навлезе во леќата на окото. Кога ова ќе се случи електрицитетот ги стимулира невроните во мрежницата, пополнувајќи го на тој начин недостатокот што природно останува после оштетувањето на фоторецепторите.

За потребите на тестирањето, вештачката мрежница била имплантирана во очите на стаорци кои биле одгледни  да развијат дегенерација на мрежницата.

30 дена после операцијата, откако стаорците се опоравиле, истражувачите напривале истражување за тоа колку биле  сензитивни на светлина или т.н. пупиларен рефлекс во споредба со здрави стаорци и стаорци со дегенерција на мрежницата кои не биле третирани.

Мониторирањето на мозочната активност на стаорците за време на тестовите за сензитивност на светлина, покажало зголемена активност во примарниот визуелен кортекс кој ги процесира визуелните информации.

Врз основа на резултатите истражувачите заклучуваат дека имплантот директно ги активира „резидуалните невронски мрежи во дегенерираната мрежница“, но дека се потребни дополнителни истражувања со цел да се утврди како точно функционира стимулацијата, на биолошко ниво.

„Деталните принципи на работата на протезата остануваат нејасни“– објаснуваат истражувачите во нивниот труд.

Иако не постојат гаранции дека исти резултати ќе се покажат и кај луѓе, истражувачите се оптимисти. Тестирањата на луѓе се планирани да започнат во втората половина од годинава, а прелиминарните резултати се очекуваат во 2018 година.

 

Поддржете ја нашата работа: