Тешките инфекции го зголемуваат ризикот од рак на белите дробови

Тешките инфекции го зголемуваат ризикот од рак на белите дробови

Тешките случаи на КОВИД-19 и грип може да предизвикаат повеќе од краткотрајна болест. Новото истражување од Центарот за имунологија Бирн Б. Картер при Здравствениот центар на Универзитетот во Вирџинија (UVA Health) сугерира дека сериозните вирусни инфекции можат да создадат услови во белите дробови кои помагаат ракот да се развие и да напредува побрзо. Студијата исто така откри дека вакцинацијата може да спречи многу од овие штетни ефекти.

Истражувачите, предводени од научникот д-р Џи Сан, откриле дека тешките респираторни инфекции можат да ги променат имуните клетки во белите дробови на начин што го поддржува растот на туморот месеци, па дури и години подоцна. Врз основа на овие наоди, научниците препорачуваат лекарите внимателно да ги следат пациентите кои закрепнуваат од тежок КОВИД, грип или пневмонија за рано откривање на рак на белите дробови, кога третманот е најефикасен.

Долготрајно воспаление и зголемен ризик

„Тежок случај на КОВИД или грип може да ги остави белите дробови во долготрајна „воспалена“ состојба што го олеснува појавувањето на рак подоцна“, изјави д-р Сан. „Охрабрувачката вест е дека вакцинацијата во голема мера ги спречува тие штетни промени за раст на ракот.“

За да ја истражат врската помеѓу респираторните заболувања и ризикот од рак, тимот на д-р Сан ги проучуваше ефектите од тешките инфекции на белите дробови кај лабораториски глувци и човечки пациенти. Глувците кои претрпеле тешки инфекции на белите дробови биле посклони да развијат рак и да умнат од него. Анализата на податоци за пациенти покажа сличен тренд: луѓето хоспитализирани со КОВИД-19 имале 1,24 пати поголема инциденца на рак на белите дробови. Овој зголемен ризик бил независен од други фактори како пушењето или коморбидитетите.

„Овие наоди имаат важни импликации за следење на пациентите по тешка респираторна вирусна инфекција“, истакна д-р Џефри Стурек, кој соработуваше на студијата. „Како што рутински се препорачува скрининг за рак на белите дробови кај пушачи, можеби ќе треба слично да се размисли и за пациентите по тешка вирусна инфекција.“

Експериментите со глувци открија дека тешките инфекции предизвикуваат големи промени во имуните клетки како неутрофилите и макрофагите, кои стануваат „протуморни“ и придонесуваат за постојано воспаление. Забележани се и значителни промени во епителните клетки на белите дробови.

Вакцинацијата како заштита

Студијата исто така даде охрабрувачки наоди за превенција: претходната вакцинација се чини дека блокира многу од промените во белите дробови поврзани со развојот на рак. Вакцините помагаат имунолошкиот систем поефикасно да реагира на инфекции, намалувајќи ја нивната сериозност. Зголемениот ризик од рак беше забележан главно кај луѓе кои имале тежок КОВИД-19; поединците со благи инфекции не покажале таков ризик.

Научниците предупредуваат дека многу луѓе кои преживеале тежок КОВИД-19 или други сериозни респираторни инфекции може да се соочат со поголем ризик од рак на белите дробови во иднина. Тие потенцираат дека „спречувањето на тешка инфекција преку вакцинација може да донесе индиректни придобивки за заштита од рак.“ Д-р Сан и неговите колеги се надеваат дека нивната работа ќе им помогне на лекарите подобро да ги идентификуваат ризичните пациенти за порано откривање и подобар третман.