Како големите AI компании влијаат врз законите и надзорот

Новa анализа покажува дека големите компании за вештачка интелигенција користат познати стратегии за да влијаат врз регулативата и надзорот, слични на тактиките што со децении се поврзуваат со тутунската, фармацевтската и нафтената индустрија.

Истражувачи од Универзитетот во Единбург, Trinity College Dublin, TU Delft и Carnegie Mellon University анализирале 100 вести објавени околу четири глобални настани за AI меѓу 2023 и 2025 година, меѓу кои и разговорите за EU AI Act и самитите во Обединетото Кралство, Јужна Кореја и Франција. Во тие текстови идентификувале 27 воспоставени обрасци на таканаречено корпоративно заробување, односно ситуации во кои регулативата и јавните тела почнуваат да дејствуваат повеќе во интерес на компаниите отколку на јавноста.

Еден од најчестите механизми бил т.н. „наративно заробување“, каде што компании или нивни сојузници ја наметнуваат идејата дека регулативата го задушува иновирањето, создава „бескорисна бирократија“ или е застарена. Според авторите, ваквата рамка често служи како подготовка за подоцнежни повици за дерегулација.

Друг забележан образец е избегнување или спорно толкување на закони поврзани со конкуренцијата, приватноста, авторските права и работните односи. Истражувањето наведува и примери на лобирање, притисоци врз укажувачи, истражувачи и законодавци, како и „револвинг дорм“ модел, во кој поранешни носители на јавни функции преминуваат во советодавни или работни улоги во AI компаниите.

Авторите предупредуваат дека овие практики можат да го ослабат демократскиот надзор и да создадат впечаток дека јавниот интерес е потиснат од корпоративни приоритети. Како можни противмерки ги наведуваат јасното раздвојување на јавните и приватните интереси и обврзувачки правила за контактите меѓу владата и индустријата.