Новата годишна анализа на клучните климатски индикатори покажува дека светот во 2025 година се затоплил за околу 1,39°C во однос на прединдустриското ниво, при што речиси целото зголемување од 1,37°C е последица на човечката активност.
Авторите на извештајот предупредуваат дека, ако сегашниот тренд продолжи, глобалното затоплување од 1,5°C би можело да биде достигнато околу 2030 година. Тоа е прагот што државите го прифатија со Парискиот договор како граница што треба да се задржи што подалеку под 2°C.
Според научниците, планетата сега задржува топлина со рекордна брзина. Таканаречениот енергетски дисбаланс на Земјата е во пораст од 1970-тите наваму и денес е на историски максимум, што значи дека во системот влегува повеќе енергија отколку што излегува назад во вселената.
Главни причини за тоа се рекордно високите емисии на стакленички гасови и падот на аеросолната загаденост, која порано имаше делумен разладувачки ефект со одбивање на сончевата светлина. Иако растот на емисиите во некои сектори се забавува, јаглеродниот буџет за задржување под 1,5°C може да се исцрпи за околу три години.
Извештајот предупредува и на други последици: нивото на морето се зголемило за околу 23 сантиметри од 1901 година, а од 1991 година бројот на денови со морски топлотни бранови повеќе од се има утроено. Дополнителна загриженост кај научниците буди и ослабувањето на глобалните системи за набљудување, од сателити до океански и копнени мерења, што може да го отежне следењето на климатските промени во наредните години.
































