Кога шумата не е премногу „уредна“, туку има празнини во крошните и оставено мртво дрво, во неа се појавува повеќе живот. Ново истражување на Универзитетот во Вирцбург покажува дека таквата структурна разновидност ја зголемува разновидноста и на птиците и на лилјаците во шумските предели.
Научниците анализирале 234 шумски парцели во шест региони во Германија и ги следеле промените во период од четири до седум години. Во дел од парцелите намерно отвориле светлосни отвори во крошните, а во други оставиле стебла, трупци и други остатоци од дрво на шумското тло.
За да утврдат кои видови ги користат овие простори, тимот применил акустично следење. Во истражувањето биле регистрирани 17 видови лилјаци и 72 видови птици, а резултатите покажале дека разновидните шуми привлекуваат поширок спектар на видови отколку рамномерните, монокултурни насади.
Птиците најсилно реагирале на локални подобрувања, особено кога во шумата имало мртво дрво и мали отвори. Тоа ги привлекло и специјалистите за мртво дрво, меѓу кои и некои загрозени видови клукајдрвци. Лилјаците, пак, повеќе профитирале од просторната разноликост меѓу различните делови на шумата: им одговарало кога на едно место има потемни и погусти делови, а на друго поотворени коридори за летање и лов.
Истражувачите заклучуваат дека и во веќе поедноставени, сиромашни шуми може да се поттикне биодиверзитетот со мали, целни интервенции. За шумарството, пораката е јасна: оставањето дел од мртвото дрво и дозволувањето на неколку „празнини“ може краткорочно да значи помал трошок за дрвна маса, но долгорочно носи постабилен и поотпорен екосистем.
































