Археолозите од Србија откриле плочки со „магии“ стари речиси 2000 години

Археолозите од Србија откриле значајни, уникатни плочки од златен и сребрен лим на кои се напишани магиски симболи кои потекнуваат од 4 –тиот век од новата ера.

Плочките се пронајдени на локалитетот Виминацијум, кој се наоѓа во близина на градот Костолац, каде помеѓу првиот и шестиот век од н.е. се наоѓал истоимениот римски град.

„Се работи за медиум преку кој одредени лице им се обраќале на натприродните сили, односно на божествата и демоните со различни молби. Најчесто се работи за клетви и врзување на магии, какви се на пример и љубовните магии. Досега на територијата на Римското царство се откриени околу 1500, но во најголем број плочките биле направени од олово, поради магиските својства на овој метал, меѓутоа златните плочки се исклучително ретки “- вели Миомир Кораќ, водачот на археолошкиот тим и директор на Археолошкиот институт во Белград, за агенцијата Бета.

Според неговите зборови, уникатноста на двете откриени плочи е во тоа што целиот текст на едната плочка се состои од различни симболи, а на другата е страрогрчка азбука, но јазикот е непознат, што е крајно невообичаено.

„Може да се прочитаат имињата на неколку демони кои се поврзуваат со територијата на која денеска се наоѓа Сирија“- вели за „Reuters“, Илија Данковиќ, еден од членовите на тимот.

Иако ова е прво вакво откритие на територијата на Србија, слични таблички со „магии“ се откриени и во други држави меѓу кои во Велика Британија и Египет. Разликата е во тоа што најчесто тие биле во форма на таблички изрезбани во гробовите на починатите.

3421

Магиите обично биле врзувани со цел да им донесат корист или проклетство на живите, а луѓето ги закопувале со мртвите со надеж дека тие ќе ги однесат или до ангелите или до демоните и ќе ги натераат да им ги исполнат барањата.

Данковиќ за „Reuters“ вели дека овии магии обично биле закопувани со луѓе кои починале од насилна смрт, затоа што се верувало дека „на душите на овие луѓе им треба повеќе време да го најдат својот мир и имаат повеќе шанси да ги најдат демоните и божествата и да им ги пренесат желбите, за да можат тие да ја направат својата магија“.

 

Она што го откриваат овие плочки се деталите околу верувањата и надежите на жителите на Виминацијум во тоа време.

„Ова е многу важно археолошко откритие бидејќи покажува колку бил луксузен животот во Виминацијум или колку многу верувале жителите во овие „таблички за клетви“, па затоа ги изработувале во благородни метали“- вели Кораќ за „NBC News“.

Исто така, постојат докази дека овој римски град во 4-от век се наоѓал во период на религиска промена, бидејќи може да се види обраќање и кон христијански и кон пагански божества.

Археолозите сѐ уште работат на локалитетот, така што, откако ќе завршат ископувањата и анализите треба да се очекуваат многу повеќе детали за ова мистериозно откритие.

Поддржете ја нашата работа: