Луѓето на возраст од 75 години или постари, кои дневно земаат аспирин со цел да спречат срцев удар, имаат значително зголемен ризик од тешко, па дури и смртоносно крварење, и затоа би требало да земаат лекови против гастритис или горушица (пироза) за да ја намалат таа опасност, се вели во новата студија која траеше 10 години.
Помеѓу 40 и 60 отсто од старите лица на возраст од 75 години во Европа и САД, секојдневно земаат аспирин, се наведува по претходните студии, но досега беа непознати ефектите од неговото долготрајно земање кај старите лица, бидејќи во повеќе клинички испитувања биле вклучени пациенти помлади од 75 години.
Студијата, објавена во списанието The Lancet е поделена подеднакво на две групи – група помлади лица од 75 и група со постари од оваа возраст, и вкупно учествувале 3166 Британци кои претходно имале срцев или мозочен удар и користат медикаменти за разратчување на крвта со цел да спречат нов.
Научниците истакнале дека резултатите од студијата не значат дека постарите лица треба да престанат да земаат аспирин. Наместо тоа, тие препорачуваат широка употреба на инхибитори со протонска пумпа – лекови против желудачна киселина, како што е омепразолот кој може да го намали ризикот од крварење од горниот гастроинтестинален тракт за 70 отсто. Иако аспиринот генерално се смета за безопасен, веќе подолго време се знае за ризикот од крварење.
Питер Ротвел, еден од авторите на студијата, вели дека земањето на лекови за разретчување на крвта, како што е аспиринот, спречува петтина повторни срцеви и мозочни удари, но исто така доведува до 3000 смртни случаеви годишно поради прекумерено крварење само во Британија.
“Кај постарите лица од 75 години, ризикот од сериозни крварења е повисок, но е клучно дека тоа може да се спречи во голема мера со земање на инхибитори заедно со аспирин”, вели Ротвел, директор на Центарот за превенција од срцеви, мозочни удари и деменција на Универзитетот во Оксфорд.