Астрономите откриле потполно нова група на ѕвезди во центарот на Млечниот Пат

Астрономите од Универзитетот „Џон Мурс“ во Ливерпул, Велика Британија, откриле нова фамилија на ѕвезди во центарот на Млечниот Пат, кои содржат необично високо ниво на азот.

Ѕвездите биле откриени во текот на заедничкиот проект познат како „APOGEE“ (Apache Point Observatory Galactic Evolution Experiment) со кој се обработуваат извонредно голем број на инфрацрвени податоци собрани од стотици илјади ѕвезди на ноќното небо.

Обично ѕвездите што се наоѓаат околу центарот на нашата галаксија се обвиткани со прашина, но астрономите преку инфрацрвените сигнали од ѕвездите успеале да откријат дека таму постојат огромен број на ѕвезди кои содржат големо количество на азот.

Бидејќи новооткриените ѕвезди содржат многу поголемо количество на азот од другите ѕвезди во нивната околина, истражувачите сугерираат дека е можно тие да се формирале од остатоците од збиените ѕвездени јата – големи групи од ѕвезди кои се создале во раните денови на Млечниот Пат и после извесно време се распаднале.

Ова значи дека понатамошното проучување на оваа група ѕвезди може да открие не само како тие се формирале, туку и како е формирана нашата и останатите галаксии, што претставува едно од најголемите прашања во астрономијата.

newstarsheader_1024

Покрај ова, истражувачите нагласуваат дека овие ѕвезди можеби се едни од најстарите небески тела во Млечниот Пат кои се формирале заедно со јадрото на галаксјата.

Наодите од стражувањето се објавени во „Monthly Notices of the Royal Astronomical Society“.

Поддржете ја нашата работа: