Проблемот со отпадната пластика на глобално ниво секој година е сѐ позагрижувачки.
Секоја година милиони тони пластичен отпад завршува на депониите и во океаните. Затоа и потрагата по еколошка алтернатива за пластиката зема сѐ поголем замав.
Едни од ветувачките решенија може да претставуваат црвите и бактериите што јадат пластика, но можеби има и поедноставно решение?
Исланскиот студент по дизајн Ари Јонсон има една таква идеја – биоразградливи шишиња за вода направени од материјал кој зад себе не остава таков проблем како што тоа го прави пластиката.
Во потрага по материјал кој би можел да се искористи за изработка на шишиња кои ќе се распаднат откако веќе нема да бидат потребни, Јонсон открил прашкаста форма на агар, супстанција која се добива од алги. Кога овој прашак ќе се додаде во вода, формира желатинозна маса којашто со помош на калап може да се обликува во секаква посакувана форма. Според дизајнерот, формата се задржува сѐ додека шишето не се испразни.
„Она што ја прави оваа мешавина од вода и алги интересно решение претставува животниот век на шишето. Потребно е шишето да е полно со течност за да ја одржи формата , а штом ќе се испразни, шишето почнува да се разградува. После тоа, шишето можете и да го изедете ако сакате. Водата пакувана во вакво шише е потполно безбедна за пиење, иако е можно по извесно време да добие по малку соленикав вкус од агарот во шишето“ – вели Јонсон за „Fast Company“.
Засега, биоразградливото шише е само во фаза на концепт и сѐ уште не може да се користи како сериозна замена за пластиката. Јонсон признава дека најголем проблем во врска со агарот како материјал за пакување е тоа што лесно се кине.
Сепак, шишето е дизјнирано да ги поттикне луѓето да размислуваат за овие производи што секојдневно ги употребуваат и како да се најде подобар начин за нивно производство, како и за нивно отстранување.
Шишето на Јонсон, кој е студент на исландската Академија за уметност, е прикажано како дел од изложбата „DesignMarch“ во Рејкјавик.