Производите од пластика за еднократна употреба, како што се чиниите, сламките за пиење, стапчињата за уши, лажици, вилушки и слично ќе бидат забранети во ЕУ, судејќи според плановите кои во голема мера ги усвои Европскиот парламент.
Според нацрт плановите усвоени од Европскиот парламент, овие производи, кои сочинуваат повеќе од 70 проценти од отпадот во морињата, ќе бидат забранети на европскиот пазар од 2021 година.
На листата за пластика која ќе биде забранета на европскиот пазар додадени се производи од биоразградлива пластика, како пластичните кеси и амбалажи за храна од полистирен.
Во исто време, потрошувачката на некои производи за кои нема “зелена” алтернатива во земјите-членки на ЕУ ќе се намали за најмалку 25 проценти до 2025 година.Меѓу овие производи се кутиите за сендвичи и палетите за овошје, колачи и сладолед.
Како што велат од ЕП, членките на ЕУ ќе усвојат национални планови за да се охрабрат потрошувачите да користат производи со амбалажа за повеќекратна употреба, како и оние кои можат да се рециклираат.
Други пластични производи, како што се шишиња за пијалаци, ќе бидат одделно собирани и рециклирани со стапка од 90 проценти до 2025 година. Целта е да се намали ваквото загадување за 50 отсто до 2025 година, а за 80 отсто до 2030 година.
“Усвоивме еден од најамбициозните закони за справување со пластичните материјали за еднократна употреба. На нас е да останеме на курсот во претстојните преговори со Советот кој треба да започне во ноември”, вели Фредерика Рис.
Таа ја истакна клучната важност за заштитата на морињата и намалување на трошоците за еколошка штета од загадувањето со пластика во Европа, проценето на 22 милијарди евра до 2030 година – соопшти Европскиот парламент.