Боенки за возрасни како терапија против стрес

Боенките обично се омилени кај децата, но, од недамна нов тренд се и боенките кај возрасните. Иако ова може да претставува добар начин „да помине времето“, всушност нивните терапевтските својства ги направија овие книги многу популарни.

Исцелителната моќ на уметноста

Уметноста не може да излечи болест, но сигурно помага за полесно справување со неа. Истражувачите одамна ги потврдија можностите на уметноста како помош во терапијата, и денеска терапијата со уметност им помага на луѓето полесно да ги изразат своите чувства кога тоа им е тешко да го направат со зборови, како на пример кога им е дијагностицирана тешка болест.

Досегашните истражувања покажале дека овој вид на терапија дава видливи резултати. На пример, едно истражување од 2006 година покажува дека терапијата преку уметност помага да се намали физичката и емоционалната болка кај жените заболени од рак за време на терапијата. Но, од терапијата преку уметност корист имаат и пациентите што се соочуваат и со различни други состојби. Оваа терапија им помага и на лицата кои патат од депресија, деменција, анксиозност и посттрауматски стресни пореметувања.

Во терапијата со уметност се користат различни уметнички медиуми како алатки кои помагаат да се решат специфични проблеми на пациентите. Но, луѓето се различно надарени за уметност, па затоа кај оние лица кои себеси се доживуваат како лоши уметници, поголема е веројатноста да изостане користа од терапијата базирана на уметност.

Боенките за возрасни исто така претставуваат креативен чин, а не бараат посебна уметничка дарба. Потребно е само да се обојат обележените делови за да се добие посакуваниот ефект. Сепак, некои експерти укажуваат дека поради недостатокот на уметничкиот придонес од страна на пациентите, боенките за возрасни не може да се сметаат за вистинска форма на уметничка терапија.

Иако боенките за возрасни сами по себе не претставуваат вистинска уметност, не значи дека ваквата активност не е корисна.


Бенките се корисни за лицата кои имаат проблем да се фокусират, што е често симптом на анксиозност или стрес. Доктор Стен Родски, невропсихолог, кој е исто така и автор на боенки за возрасни, вели дека боенките поттикнуваат релаксираност, слично на тоа што се постигнува преку медитацијата. Слично на медитацијата, и боењето ни овозможува да ги исклучиме мислите од други работи и да се фокусираме на моментот. Задачите кај кои резултатот може да се предвиди, како боењето или плетењето, најчесто се смирувачки. Родски вели дека со помош на напредна технологија може да се забележат и физички ефекти што оваа активност ги има врз телото – регулирање на ритамот на срцевата работа, промена во мозочните бранови. Ваквиот невролошки одговор делумно се должи на повторувањата и вниманието насочено кон детали што се дел од боењето.

Доктор Џоел Пирсон, невронаучник од Универзитетот Нов Јужен Велс во Австралија, на друг начин го објаснува терапевтскиот ефект на боењето. Концентрираното боење на слики може да ја олесни замената на негативните мисли со пријатни. Активностите поврзани со боењето би требало да ги окупираат истите делови од мозокот кои спречуваат секакви ментални слики што се поврзани со анксиозност, а секоја активност што помага да го контролирате вниманието ќе ви помогне, вели тој.

Поддржете ја нашата работа: