Оваа година Чиле произведува толку многу соларна енергија што практично ја продава речиси без пари.
Иако е охрабрувачки да се види ваква експанзија во производството на енергија од обновливи извори во земјата, големите количини практично им создаваат проблем на компаниите кои сакаат да инвестираат во соларна енергија.
Соларните капацитети на централната чилеанска енергетска мрежа во последните три години се зголемиле за четири пати, достигнувајќи 770 мегавати – што секако е добра вест за потрошувачите, како и за животната средина.
Нов предизвик сега е да се надгради инфраструктурата за да може да се справи со ваквиот прилив на соларна енергија.
Како што известува „Bloomberg“, за 113 дена од оваа година, заклучно со крајот на април, цената на енергијата (според производството и побарувачката) стигнала на нула.
Зголеменото инвестирање во енергетиката проследено со забавениот економски раст, доведе регионот да се соочи со вишок на енергија. Во земјата сега има 29 соларни фарми, додека 15 се се’ уште во фаза на развој.
Одлично е да се види толку големо производство на соларна енергија, но со мала цена – речиси без пари, ќе ги обесхрабри идните инвеститори, бидејќи тоа ќе значи дека соларните електрани едноставно не се профитабилни – предупредуваат експертите.
Решението лежи во зголемување на капацитетите на земјата, така што се планира изградба на 3.000 км. данловод, со што за првпат ќе се поврзе централната мрежа со северната електрична мрежа на Чиле. Ова ќе овозможи вишокот енергија да се пренасочи кон областите каде е потребно.
Во основа, ова значи зголемување на побарувачката со тоа што ќе им се овозможи на поголем број луѓе да имаат пристап до обновлива енергија. Исто така постојат и далноводи во рамките на двете мрежи што треба да се надградат за да се овозможи порамномерна дистрибуција на енергијата.
Чиле е многу понапред кога се работи за капацитети за обновлива енергија и произведува повеќе енергија од сите други земји на континентот заедно – што делумно се должи и на изобилството од сончева енергија, ветер и вода во земјата.
Покрај тоа, Чиле има инвестирано во извонредни технологии кои му помагаат максимално да ги користи природните ресурси. Една од најголемите извори на обновлива енергија претставува соларната кула Атакама-1, сместена во средината на пустината Атакама. Со висина над 200 метри, овој проект вреден 1,1 милијарди долари, користи огледала со кои сончевата светлина се концентрира во челичен соларен приемник кој тежи 2.000 тони. Благодарение на 10.600-те огледала и 50.000 тони растопена сол, кулата би требало со време да биде во можност деноноќно да снабдува со електрична енергија.
Покрај надградбата на својата инфраструктура за поддршка на проектите како што е Атакама-1, Чиле исто така планира и да извезува струја. Истото го прават и други земји, како Данска на пример, која има големо производство на ветерна енергија, со цел да ја одржат цената на ветерната енергија, дури и кога имаат вишок производство.