Дали откажувањето од цигари навистина дебелее?

Зголемувањето на телесната тежина е лошо, сигурно, но пушењето е најлошото нешто што можете да го направите за вашето тело. И на другите.

Како и да е, зголемувањето на телесната тежина кај пушачите по откажувањето од цигарите е многу реално, а не само урбан мит. Истражувачите на Државниот универзитет од Пенсилванија откриле дека покачената тежина кај лицата кои се откажале од цигари е поврзана со обемот цигарите кои ги пушеле претходно. Со други зборови, „тешките“ пушачи, буквално стануваат потешки.

За да дознаат како личните фактори можат да придонесат за зголемување на телесната тежина на пушачите по откажувањето, истражувачите анализирале податоци на повеќе од 12.000 луѓе кои учествувале во анкета за  Национално здравје и исхрана. Нивното истражување, објавено во „International Journal of Obesity“, се фокусира на зголемувањето на телесната тежина кај пушачи, оние кои се откажале и непушачи во текот на 10-годишен период. По 10 години, просечната тежина за сите групи се зголемила.

„Луѓето имаат тенденција да се дебелеат со текот на времето и сите лица кои учествувале во истражувањето добиле на тежина. Непушачите се здебелиле околи 450 грама годишно за 10 години”, вели Сузан Велдхер, регистриран диететичар и главен автор на истражувањето, во соопштението за печатот.

За пушачите со помалку од 15 цигари дневно, немало разлика во тежината во однос на оние кои продолжиле со пушењето. Ова е добра вест за лесни до умерени пушачи, кои се загрижени за зголемување на телесната тежина. Тоа значи дека на долг рок, откажувањето од пушење нема толку големо влијание врз нивната тежина.

Резултатите не се толку добри за тешките пушачи. Лицата кои пушеле повеќе од 25 цигари дневно или кои имале индекс на телесна маса од 30 или повеќе пред откажувањето, во текот на 10 години значително се здебелиле (првите 10,4 кг, вторите 7,2 кг).

Иако ова може да изгледа како многу дополнителна тежина, важно е да се запамети дека откажувањето е единствената правилна одлука за вашето здравје.

Поддржете ја нашата работа: