Научниците во Британија и САД објавија текст во кој појаснуваат дека ја подобриле ефективноста на ензимот кој разградува пластика и кој во иднина би можел да помогне во борбата против загадувањето со пластика.
Ензимот за кој станува збор може да разгради ПЕТ пластика (полиетилен терефталат), типот на пластиката патентиран во 1940-тите години се користи за производство на милиони тони пластични шишиња. ПЕТ пластиката инаку може да остане во животната средина стотици години без да се разгради.
За откритието се заслужни научниците од Британскиот универзитет во Портсмут и Националната американска лабораторија за обновлива енергија на американското Министерство за енергетика кои ја проучувале структурата на еден природен езним за кој се верува дека еволуирал во центарот за рециклирање на отпад во Јапонија.
Откривајќи дека тој ензим помага при разградување на ПЕТ пластиката, научниците одлучиле малку да го изменат, додавајќи му некои аминокиселини – вели Џон МекГехен, професор во Портсмут, еден од водечките истражувачи. Благодарение на тие аминокиселини, ензимот побрзо ја разградува пластиката.
“Создадовме подобрена верзија на ензимот кој е подобар од природниот. Тоа е навистина возбудлив податок, бидејќи тоа значи дека постои потенцијал за понатамошна ензимска оптимизација”.
“Навистина е можно во следните години да имаме индустриски одржлив процес за конвертирање на ПЕТ пластиката, а можеби и друга пластика во нејзините оригинални составни елементи, за да може да се рециклира на одржлив начин”, додава МекГехан.
Други научници кои не учествувале во ова истражување велат дека резултатите се интересни, но сепак треба да се знае дека развојот на тој ензим како потенцијално решение е сеуште по рана фаза.
Резултатите се објавени во понеделникот, во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences.