Депресијата како инфективна болест ?

Клиничкото депресивно растројство (МDD) треба да се концептуализира како заразна болест, вели д-р.Турхан Канли, вонреден професор по психологија и радиологија на Универзитетот Стони Брук. Во трудот објавен во „Biology of Mood & Anxiety Disorders“, тој сугерира дека депресијата  може да е резултат на паразитски, бактериски или вирусни инфекции.

Тој дава примери кои илустрираат можен начин преку кој овие микроорганизми придонесуваат за етиологијата на MDD.
Депресијата станува широко распространета болест. Од 15 до 20% од населението се соочува со депресија во одредена точка од животот. Повторувањето е често и фармаколошките третмани не се променети. Бидејќи причинските аспекти на болеста не се јасно дефинирани, нивното откривање останува суштинска цел.

“Имајќи го предвид развојот на „MDD“, предлагам повторна концептуализација на состојбата како некоја форма на инфективна болест”, вели д-р Канли. „Идните истражувања треба да се насочат кон откривањето на паразити, бактерии или вируси кои можат да имаат причинска улога во етиологијата на депресијата“.
Во својот труд, д-р Канли претставува три аргументи зошто концептуализацијата на депресијата како инфективна болест може да биде корисна.


Прво, тој посочува дека пациентите со „МDD“  покажуваат симптоми како што се губење на енергија, улежаност, незаинтересираност за надворешната средина кој начелно укажуваат на болест. Но и дека зголемувањето на повеќе различни воспалителните биомаркери како што се TNF и повеќе интерлеукини меѓу кои и IL-2 и IL-6  кај  пациентите со „MDD“, исто така, укажуваат на болест.

Второ, тој изнесува докази од повеќе различни студии каде очигледно се гледа дека одредени паразити, бактерии и вируси што го напаѓаат човековиот организам, имаат можност за создавање промени во емоционалното однесување. Тука како пример е наведена и инфекцијата со „taxoplasma gondii“ што е еден од најчестите паразити кај луѓето и топлокрвните организми кој не предизвикува никакви симтоми кај здравите луѓе, но затоа пак инфицираните глувци го губат стравот од мачките. Дури ги привлекува и нивниот измет  што на крај ќе резултира со тоа што глушецот сам ќе отиде кај мачката во уста практично вршејќи самоубиство, при што паразитот манипулирајќи го мозокот на глушецот доаѓа до цревата на мачката каде има идеални услови за да се разможи и произведе неколку милиони јајца.

Трето, ја потенцира идејата за човечкото тело како екосистем за микроорганизми и улогата на генетиката, при што ја разгледува можноста дека зголемените фамилијарни ризик- фактори за развој на одредена ментална болест, како депресијата , можеби не се должат на самата генетика туку на илјадниците микроорганизми кои се пренесуваат од родителите на децата од самото раѓање.


Врз основа на овие точки, спроведувањето на големи истражувања со депресивни пациенти, контрола и протоколи поврзани со заразни болести, ќе претставуваат голем истражувачки чекор со цел да се утврди врската помеѓу заразните болести и депресијата.

Интересно е да се напомене дека енаука.мк објави текст за истражување во кое можеби за прв пат се докажува дека еден вирус за кој сметавме дека е безопасен , има  можност да влијае на мозокот намалувајќи ги когнитивните функции.

Поддржете ја нашата работа: