Депресијата влијае на целото тело

Истражувајќи го влијанието што го има болеста на целиот организам, меѓународен тим на истражувачи за прв пат детално ја покажа врската помеѓу депресијата и оксидативниот стрес. Со ова не само што се побива идејата дека депресијата е само ментално заболување, туку може да се објасни и поврзаноста на оваа состојба со други здравствени  проблеми, меѓу кои и ракот и зголемената стапка на смртност.

Истражувањето, предводено од Универзитетот Гранада во Шпанија, се базира на 29 студии со кои биле опфатени  4.000 лица. Откриено е дека кај лицата што примаат некаков вид на антидепресивна терапија, нивото на малондиалдехид е значително редуцирано. Малондиалдехид е биомаркер кој укажува на недостаток на кислород во ѕидот на клетките и неговото ниво обично е повисоко во телото на лицата со депресија.

Истражувањата исто така покажале дека нивото на антиоксиданти кај пациентите со депресија повторно достигнува нормални вредности, откако ќе примат терапија за нивната состојба.

Земено во целина, наодите докажале дека депресијата делува на целиот организам на човекот, а не само на умот.

Постојат многу докази кои ја поврзуваат депресијата со други здравствени проблеми. На пример, луѓето со депресија почесто страдаат од болки во грбот и срцев удар, иако сѐ уште не е целосно јасно зошто. Една од можностите е дека луѓето со ваква состојба едноставно не се способни добро да се грижат за себе. Оваа нова студија покажува дека се случува нешто многу пофундаментално.

Други студии предлагаат дека стресот истовремено ги поттикнува и депресијата и другите здравствени проблеми – со други зборови, депресијата не мора неопходно до предизвика физички оштетувања, туку нешто поголемо ги предизвикува сите тие проблеми во исто време.

Статистиките од 2012 во САД покажуваат дека 7,6 проценти од населението (над 12 години) страда од некое ниво на депресија. Поприсутна е кај жените, а кај оние кои живеат на граница на сиромаштија депресијата е 2,5 пати почеста.

За среќа, сведоци сме на се подобри третмани за депресија кои даваат надеж дека депресијата може подобро да се менаџира, а можеби во следните години дури и да се излекува.

Новата студија покажува дека депресијата не треба автоматски да се смета само како проблем со менталното здравје и да им се помогне на тие што се борат со неа.

Истражувањето е објавено во „Journal of Clinical Psychiatry“.

Поддржете ја нашата работа: