Дијаманти за детекција на рак

Физичарите од Универзитетот во Сиднеј пронашле начин да искористат синтетички нано-дијаманти за да го откријат и да се борат против ракот во рана фаза, пред да стане животно загрозувачки.

Иако веќе некое време постојат медикаменти што го таргетираат ракот, на докторите им претставува проблем да откријат дали терапијата е ефикасна, без да направат инвазивна биопсија, која сепак има бројни ограничувања.

Овој проблем бил решен со нано-дијаманти, кои  биле специјално обработени за да можат јасно да се видат при скенирање со магнетна резонанца. Синтетичките дијаманти биле хиперполаризирани, со што се претворени во ефикасни мали светилки кои при скенирањето ја покажуваат точната локација каде се наоѓаат.

Кога хиперполаризираните нано-дијаманти ќе се спојат со специјалните молекули што го таргетираат ракот, оваа техника ќе овозможи да се следи движењето на молекулите во телото. Со други зборови, кога лековите споени со дијамантите ќе се внесат во телото, се овозможува ефикасен начин на откривање и уништување на ракот без да има потреба пациентот да оди на биопсија.

Следниот чекор на истражувачите е, заедно со медицински истражувачи, да ги испробаат нано-дијамантите на глувци и се надеваат дека овој третман ќе помогне во борбата против видовите рак кои тешко се дијагностицираат во рана фаза, како ракот на панкреас и ракот на мозокот.

Истражувањето е објавено во „Nature Communications“.

Поддржете ја нашата работа: