Долгото гледањето телевизија може да биде причина за смртоносна белодробна емболија

Поголемиот дел од слободното време, луѓето денес го поминуваат гледајќи телевизија.

Според едно ново истражување што беше објавено во списанието „Circulation“, долгото седење пред телевизирот може дури и да биде причина за смрт. Истражувањето што е спроведено од јапонски тим од Универзитетот во Осака покажало дека долгото седење пред телевизорот може да предизвика смртоносни крвни згрутчувања.

Со истражувањето биле опфатени 86.000 учесници, на возраст помеѓу 40 и 79 години, кои биле запрашани колку време поминале седејќи пред телевизизорот за период од две години. Истражувачичите продолжиле да ги следат учесниците следните 19 години (почнувајќи од 1988 г.) и откриле дека 59 од нив починале како резултат на белодробна емболија – односно од тромб во белите дробови.

Анализите покажале дека со секои дополнителни два часа седење пред телевизорот, ризикот кај учесниците да развијат белодробна емболија се зголемувал за 40 проценти, во споредба со оние кои гледале телевизија помалку од 2,5 часа дневно. Вкупно, 70 проценти од учесниците гледале телевизија помеѓу 2,5 и 4,9 часа дневно, а кај оние кои седеле пред телевизорот повеќе од пет или повеќе часа, ризикот да развијат белодроба емболија автоматски се зголемувал за 2,5 пати.

Долготрајното седење или општо, физички неактивниот живот, доведува до успорување на протокот на крв, што може да биде причина за создавање на крвни згрутчувања, обично во нозете и карлицата. Кога тромбот ќе се откине, постои опасност тој да допатува до белите дробови и да предизвика затнување на помалите крвни садови.

Бидејќи белодробната емболија е речиси секогаш предизвикана на овој начин, оваа состојба може во голема мерка да биде превенирана. Според клиниката Мајо, лицата кои се изложени на ваков ризик може да почувствуваат недостаток на здив, болки во градите и кашлица во кој се забележува крв. Исто така, можни се болки во нозете и отекување на потколениците со промена на бојата на кожата, треска, прекумерно потење, брзо или нерамномерно срцебиење и зашеметеност или вртоглавица.

Спречувањето на згрутчувањата во нозете е клучниот фактор за намалување на ризикот од белодробна емболија. Физичката активност е една од најдобрите превентивни мерки, но и подигањето на нозете за 10 до 15 сантиметри може да помогне да се избегне содавањето на згрутчувања. Компресивните чорапи се исто така ефикасен третман, бидејќи нежно ги притискаат нозете за да се зголеми циркулацијата и да се спречи застој на крвта во долниот дел од телото.

Истражувачите препорачуваат – после секој час седење, станете, истегнете се, прошетајте наоколу , или додека гледате ТВ – затегајте ги и опуштајте ги мускулите на нозете пет минути.

Поддржете ја нашата работа: