Емисиите на јаглерод повисоки од времето на диносаурусите

Една нова студија покажува дека емисиите на јаглероден диоксид сега се толку високи, што последен пат кога достигнале слично ниво било пред 66 милиони години, кога многу видови диносауруси биле збришани од лицето на планетата. А емисиите на јаглероден диоксид и натаму растат, иако со нешто побавно темпо отколку во последните години.

Истражувачите ги разгледувале геолошките докази и го споредиле сегашното ниво на СО2 со тие од минатото – користеле седиментни јадра од брегот на Њу Џерси за да направат ре-евалуација на изотопите јаглерод-13 и кислород-18, кои се индикатор за концентрацијата на јаглерод и глобалните температури.

Истражувачите од Универзитетот во Хаваи откриле дека порастот на СО2 и климатските промени се случувале помалку или повеќе истовремено, во периодот на Палеоценско-еоценскиот термален максимум (ПЕТМ), пред околу 56 милиони години, пред да се распадне суперконтинентот Пангеја.

Ова е важен показател, бидејќи научниците мислат дека климатските промени со кои сега се соочуваме се слични со промените кои се случиле за време на ПЕТМ.

Фактот дека емисиите на СО2 и глобалното затоплување се тесно поврзани укажува на споро и стабилно зголемување на СО2 во тој период – бидејќи ако се случил скок на нивото на СО2, би било потребно подолго време за целата клима да се промени (затопли), со што се отфрла можноста за масовни количини на метан да се ослободиле од морското дно кога Пангеја се распаднала.

Истражувачите ги искористиле своите наоди и пресметале дека емисиите на СО2 во периодот ПЕТМ биле помеѓу 0,6 и 1,1 милијарди тони годишно. Ако се спореди тоа со 10-те милијарди тони годишно што денес се исфрлаат во атмосферата, лесно може да се види колку е сериозен овој проблем.

Што се однесува до периодот кога исчезнале диносаурусите, тешко е прецизно да се каже какво било нивото на СО2 во атмосферата во тоа време (околу 10 милиони години пред ПЕТМ), бидејќи постојат малку  геолошки записи кои се однесуваат на постарите настани. Можно е дека 9,6 километарскиот астероид кој ја погодил Земјата да предизвикал слично ниво на СО2 со она што го имаме денес, но не можеме да бидеме сигурни – велат истражувачите.

Реално, ние денес се соочуваме со досега највисоко ниво на СО2 од времето на диносаурусите, па можеби дури и порано од тоа.

„Нашиот заклучок е дека, според податоците со кои сега располагаме, сегашната стапка на ослободување на СО2 во атмосферата е без преседан во изминатите 66 милиони години. Нашите сугестии се дека ваквата „не-аналогна“ состојба претставува основен предизвик за ограничување на идните климатски промени. Исто така, во иднина, уништувањето на екосистемите, веројатно ќе го надмине релативно ограниченото изумирање што се случило за време на ПЕТМ“- заклучуваат истражувачите.

Ова е уште едно силно предупредување за сериозноста на состојбата со која денес се соочуваме кога се работи за климатските промени и глобалните температури.

Наодите од истражувањето се објавени во „Nature Geoscience“.

Поддржете ја нашата работа: