После една сеопфатна научна анализа која вклучува дури 1500 спроведени студии, Европската агенција за безбедност на храната (EFSA) во Парма донесе заклучок дека неоникотиноидите се штетни за пчелите. Резултатите од ова истражување ги зголемуваат шансите ЕУ наскоро да забрани употреба на инсектициди за одгледување на култури.
Имено, Европската унија во 2013 година ја забрани апликацијата на три хемикалии за одгледување на култури кои се атрактивни за пчелите (сончоглед, пченка, маслодајна репка) и тоа откако проценките на EFTE предизвикаа загриженост околу ефектот од пестицидите.
Оттогаш, научниците собраа уште повеќе докази за тоа што им штети на пчелите, а Комисијата на ЕУ во 2017 година предложи забрана за користење на пестициди, но со сугестија дека нивната употреба се уште е дозволена во оранжериите.
“Последните оценки на EFSA ја зајакнуваат научната основа за овој предлог”, вели Анка Падулар, портпарол на Комисијата за јавно здравје и безбедност на храната во ЕУ. Се очекува гласањето да се одржи на 22-ри март.
Неоникотиноидите инаку се исклучително токсични за инсектите, предизвикувајќи парализа и смрт по пат на продирање во централниот нервен систем. За разлика од оние пестициди кои остануваат на површината на растението, неоникотиноидите дејствуваат така што навлегуваат во коренот на растението, стеблото, цветот, поленот и сокот.
Проценките на ЕФСА истакнуваат три неоникотиноиди кои се најопасни за здравјето на пчелите: имидаклоприд, клотианидин и тиаметоксам. Агенцијата зеде во предвид околу 1500 студии, вклучувајќи ги и сите релевантни статии што се достапни и објавени во стручната литература, потоа информации од академијата, хемиските компании, и здруженијата на пчелари.
Агенцијата на тој начин утврди дека пчелите се изложени на различни штетни ризици на остатоци од пестициди во поленот и нектарот од третираните полиња и загадените области во близина, исто како и одпрашината која паѓа врз нив.
Членките на Унијата требаше да гласаат на 13 декември минатата година, но се беше одложено додека ЕФСА чекаше во целост да ја заврши својата евалуација.
“Заштитата на пчелите е важно прашање за комисијата, бидејќи се однесува на биолошката разновидност, производството на храна и животната средина”, вели Анка Падулар.