Фестивал „Кокино – Тврдина на сонцето“ во недела

Целодневниот културен настан „Кокино – Тврдина на сонцето“ ќе се одржи во мегалитската опсерваторија Кокино на 21 август. Во рамките на настанот се најавуваат бројни културни активности во подножјето на Кокино, по долината на обележаната патека рута и во самата опсерваторија.

Како што најавуваат организаторите, Пасворд продукција, организирани ќе бидат работилници за филигран, керамика, компостирање, оригами, а паралелно со нив и предавање од областа на астрономијата. Перформативните активности на настанот вклучуваат поетско читање, со кое се отвора главната сцена, кое продолжува со музичка програма и перформанси во живо на Мухамед Ибраими, Фолтин и Кирил Џајковски.

Денот ќе стартува со претпладневни организирани едукативни тури до опсерваторијата. Напладне, во периодот кога сонцето на Кокино немилосрдно ја „пече“ камената површина, следува затишје во програмските активности. Во попладневните часови продолжуваат едукативни тури до опсерваторијата, но и програмските активности со енормно зголемен интензитет. За затворање на настанот се најавува набљудување на ѕвездите и кино под отворено небо. 

Влезот за настанот е бесплатен, а билетите за организираниот автобуски превоз на релација Скопје – Кокино – Скопје чинат 200 денари.

За време на настанот ќе биде регулиран и пристапот до локацијата со автомобили, за што пак е обезбеден посебен паркинг простор, кој посетителите ќе ги чини 100 денари од возило.

Бидејќи специфичноста на локацијата наметнува посебни услови пред сѐ од безбедносен и еколошки аспект, се апелира до посетителите во што поголем број да го користат организираниот автобуски превоз. Оние кои ќе дојдат со возило, поради строго ограничениот капацитет се советуваат да резервираат билет за пристап до паркингот на настанот. На овој начин, покрај тоа што посетителите придонесуваат во еколошкиот аспект на настанот, тие воедно и донираат за помош на настраданото население од поплавата во Скопје.

Имено, сите средства од продажбата на овие билети целосно ќе бидат донирани за помош на загрозеното население од поплавените подрачја, а со цел да се соберат што повеќе средства, на локацијата каде што ќе се одржува фестивалот ќе има и пунктови за донации.

Преземено од „Радио Моф“.

Поддржете ја нашата работа: