Сателитот „Касини“ кружи околу Сатурн уште од 2004 година при што е сведок на една третина од неговата 29-годишна орбита околу Сонцето, што му овозможува да ја набљудува промената на годишните времиња. Но, едно ново истражување покажува дека годишните времиња не се единственото нешто што ја менува атомосферата на Титан – нејзиниот хемиски состав варира според 11-годишниот циклус на магнетна активност на Сонцето.
Вестлејк и неговите соработници ги анализирале податоците од 41 прелетување на Титан, некои на височини помали од 1000 км. кога „Касини“ го допрел надворешниот слој на атмосферата. Истражувачите откриле дека количеството на метан таму варирало со текот на времето – се намалило од 2006 до 2008 година, потоа постепено се обновило за две години, но до 2011 година повторно се намалило за речиси половина од својот врв во 2006 година.
Овие флуктуации совршено одговараат на 11-годишниот циклус на Сонцето, кој претставува промена на активноста на Сонцето (вклучувајќи ги и промените во нивото на радијација и исфрлање на честици – сончеви дамки и ерупции). Кога ќе стигне до Титан, оваа моќна радијација може да ги растргне молекулите на метан. Научниците сметаат дека тоа се случило во периодот 2006-2008 година за време на последните фази од претходниот соларен максимум. Откако Сонцето го постигнало својот минимум во 2008 година, молекулите на метан се обновиле се додека Сонцето не почнало повторно да се подготвува за својот максимум во 2013 година, што резултирало со повторно опаѓање на метанот.
Со помош на едно- и тридимензионални модели, авторите исто така успеале да го следат движењето на различни хемикалии во атмосферата на Титан. За време на Сончевиот максимум, остатоците од метан се комбинираат за да формираат потешки јаглероводороди кои паѓаат низ атмосферата (како дожд). За време на Сончевиот минимум, горните слоеви од атмосферата се надополнуваат со метан од долните слоеви. Потребни се само неколку недели за зголемената радијација да ги намали нивоата на метан, а години за се обноват. Научниците предвидуваат дека нивото на метан ќе го достигне својот врв оваа година.