Овие наоди предизвикаа загриженост за безбедноста на конзумирањето на газирани сокови, кое може да ги зголеми мастите и да придонесе за зголемен ризик од метаболички синдром и кардиоваскуларни болести.
Метаболитичкиот синдром, кој е еден од последиците на дебелината, е комбинација од ризик фактори кои може да доведат до висок крвен притисок, дијабетес, срцеви заболувања и мозочен удар. Всушност, Светската здравствена организација проценува дека 1,9 милијарди возрасни луѓе имале прекумерна телесна тежина (со индекс на телесна маса од 25 и повеќе) во 2014 година. Од овие, 600 милиони преминале во опсегот на гојазност (со индекс на телесна маса од 30 или повеќе) – бројка која драстично се зголемила од 1980 година.
За да ослабат, многу возрасни се обидуваат да го намалат внесувањето на шеќер, па користат вештачки засладувачи како аспартам, сахарин или сукралоза. Претходните истражувања покажале дека во последните 30 години е зголемена консумацијата на вештачки засладувачи и диетални газирани сокови (без шеќер). Истовремено, се забележува и драматично зголемување на застапеноста на дебелината.
Поголемиот дел од истражувањата досега се фокусирале на помладите и на средновечните лица. Ова истражување ги испитува ефектите на конзумирањето на газирани сокови без шеќер кај лица на 65 годишна возраст и постари.
Лонгитудиналното истражување за стареењето во Сан Антонио (The San Antonio Longitudinal Study of Aging – SALSA), објавено во „Journal of the American Geriatrics Society“ вклучувало 749 Американци со потекло од Мексико и Европа, на возраст од 65 години и постари. На почетокот на истражувањето (1992-1996 година) на лицата им била измерена тежината, висината, обемот на половината и количеството на конзумирање на газирани сокови без шеќер. Потоа повторно биле мерени во 2000-2001 година, 2001-2003 година и 2003-2004 година. Во 2000 година имало 474 учесници кои преживеале, потоа 413 и на крај останале 375. Наодите покажале дека обемот на половината кај оние кои пиеле газирани сокови се зголемувал речиси тројно при секое мерење, во споредба со оние кои не ги конзумирале.
Истражувачите препорачуваат возрасните лица да ја намалат конзумацијата на пијалоци со вештачки засладувачи.