ГПС со прецизност од еден сантиметар

Голем дел од луѓето секојдневно го користат глобалниот систем за позиционирање (ГПС) за одредување каде се наоѓаат. Но, сегашната технологија постигнува прецизност што се мери во метри и покрај тоа што обично точно посочува на кој пат сте, честопати не може да одреди точно на кој дел од патот се наоѓате.

Но, благодарение на новото истражување што го прави ГПС прецизен во сантиметар, ова би можело наскоро да се промени.   

Новата технологија не само што ќе им помогне на возачите да не се изгубат на својот пат, туку може да биде и клучниот фактор за воведување на самостојните автомобили на патиштата, па дури и да го направи авионскиот превоз посигурен.

Сега ГПС уредите ја пресметуваат вашата локација и брзина користејќи ја мрежата од сателитите поставени  во вселената. Преку мерење на времето што е потребно да се примат сигналите од четири или повеќе од овие сателити, тие можат да ја одредат вашата локација со прецизност што се движи во рамките од 10 метри.

Неодамна се појави нешто понапреден систем, познат како диференцијален ГПС (ДГПС) , што прецизноста ја сведува на еден метар благодарение на тоа што ги користи копнените референтни станици. Но, и ова не е доволно, ако некогаш посакате да седите и да читате весник додека самостојниот автомобил ве вози на работа.

Истражувачите од Универзитетот Риверсајд во Калифорнија развиле нова технологија со која се надополнуваат постоечките ГПС податоци со внатрешни инертни мерења од сензор. Вакви спојувања на мерењата не се нешто ново, но во минатото беа потребни исклучително скапи компјутери за да ги комбинираат податоците од двата извора, што значи дека ваков систем не може да функционира во вашиот автомобил или паметен телефон, независно од тоа колку е прецизен.

Но, истражувачите креирале нов сет од алгоритми кои ги редуцираат пресметките и моќта за обработка потребна за да се интегрираат двата системи, што ја прави оваа технологија многу поевтина. Всушност, толку проевтина што наскоро би можеле да го видиме овој сатиметарски прецизен ГПС во уредите како што се мобилните телефони и сличните уреди за лична употреба, без тоа да ја зголеми нивната цена.

Новата технологија не ќе може да ги спречи проблемите на вашиот ГПС кога се наоѓате во некој деловен центар или во тунел – што е резултат на мешањето со сателитските сигнали, но ќе му овозможи на системот многу повеќе информации за да ја одреди вашата локација, што секако ќе направи огромна разлика во навигацијата.

Едвај чекаме!

Истражувањето е објавено во „IEEE Transactions on Control Systems Technology“.

Поддржете ја нашата работа: