Грција ги издаде првите лиценци на приватни компании за одгледување на канабис за медицински цели во обид да се истакне на пазарот кој е вреден милијарди евра.
Откако минатата година го легализира канабисот за медицински цели, а во март оваа година ја укина забраната за негово производство, Грција издаде две лиценци, додека уште 12 дозволи чекаат на ред до крајот на оваа година – се вели во соопштението на грчкото Министерство за економија и развој.
“Постои огромна заинтересираност, претежно од Канада и Израел. Некои од потенцијалните инвеститори се големи”, вели заменик министерот за економија на Грција Стергиос Пициорлас, на конференцијата за новинари.
“Легализацијата на канабисот за рекреативни цели сеуште се разгледува” истакнува Пициорлас во одговорот на прашањето од новинарите.
Според зборовите на грчките официјални лица, првите производи од канабис за медицински цели на пазарот се очекуваат за околу 12-18 месеци. Оваа индустрија, според нивните зборови е ориентирана како за извоз.
Се очекува дека 14 издадени лиценци ќе доведат до отворање на повеќе од 750 работни места и ќе донесат околу 185 милиони евра инвестиција.
Се смета дека илјадници пациенти само во Грција користат канабис поради лекување на низа сериозни болести, но властите немаат прецизни податоци за бројот.
Повеќе земји, помеѓу кои се Британија, Германија, Италија и Данска веќе имаат дозволено издавање на рецепти за медицински канабис, а во јуни оваа година, Канада стана втора земја во светот после Уругвај која ја легализира марихуаната во целост, со што ја прекина нејзината 90 годишна забрана.