Промени во мозокот на лицата кои секојдневно конзумираат марихуана

Голем број истражувања ја поврзуваат употребата на марихуана со одредени здравствени придобивки, но и одредени ризици, особено за лицата кои се склони кон зависности или ментални болести. Сега, за прв пат, научниците открија поврзаност помеѓу секојдневната долгогодишна употреба на марихуана и начинот на кој мозокот ја процесира наградата.

Научниците со години сугерираа дека постои ваква поврзаност и дека игра голема улога во однос на зависноста, односно дека зависниците не се аморални лица неспособни за донесување на интелигентна одлука, туку дека тие едноставно различно реагираат на дрогата – невролошки, психолошки и физиолошки. А оваа реакција најверојатно е резултат на многу фактори кои се надвор од контролата на тие лица, вклучувајќи ја генетиката, однесувањето и животната средина.

За целите на ова истражување, научниците од Центарот за здравје на мозокот при Универзитетот во Тексас, Далас, го анализирале мозокот на 53 лица кои конзумирале марихуана секој ден и 68 лица кои никогаш не конзумирале марихуана.

Важно е да се напомене дека ова истражување не ги вклучувало рекреативните корисници, односно оние кои повремено конзумирале марихуана, туку се фокусирало на лица кои секојдневно ја конзумирале во рок од 12 години, од кои некои ги исполнувале критериумите за да бидат класифицирани како зависници, а некои покажувале знаци за проблеми со марихуаната бидејќи научниците сакале да откријат како промените на регионот за награда во мозокот може да влијаат на оние лица кои со години секојдневно конзумирале марихуана.

Научниците им покажувале неколку објекти на учесниците, кои требало да го тестираат нивниот одговор во мозокот и откриле дека кога на хроничните корисници на марихуана им бил покажан бонг, луле или џоинт, тие имале поголема реакција во одредени делови од мозокот кои се повразни со системот за награда. Ова значи дека марихуаната го нарушува природното коло за награда на мозокот, поради што станува особено важна за корисниците. Во суштина, овие промени во мозокот може да претставуваат показател на преминот од рекреативна до проблематична употреба на марихуана.

239847-bi-pot-3Марихуаната и мозокот

Во едно истражување од 2014 година, спроведено од иститот тим на научници, било откриено дека лицата кои долгорочно конзумирале марихуана имале помал орбифронтален кортекс (регион од мозокот кој е клучен за обработка на емоциите и донесување на одлуки) отколку лицата кои не конзумирале марихуана.

Интересно е тоа што лицата кои конзумирале марихуана имале повеќе мозочни врски, што научниците сметаат дека се развиле како компензација на разликата во големината.

Редовните корисници на марихуана исто така имале помали резултати на тестовите за интелигенција, во споредба со лицата кои не конзумирале марихуана.

Но сепак, ова истражување не покажало дека хроничната употреба на марихуана предизвикува одредени региони од мозокот да се намалат или пак да се намали интелигенцијата, туку едноставно покажало поврзаност помеѓу овие фактори.

Слично на ова, и новото истражување не покажува дека хроничната употреба на марихуана предизвикува промена во системот за награда во мозокот, туку едноставно покажува некаква поврзаност. Во секој случај, истражувањата продолжуваат.

Истражувањето е објавено во „Human Brain Mapping“.

Поддржете ја нашата работа: