Ирска гради централа што ќе работи на измет од кокошки

Ирската компанија „Stream BioEnergy“ започнуваа со изградба на нова фабрика за биогас, која ќе обработува големи количини на измет од кокошки.

Фабриката која ќе биде лоцирана во Северна Ирска, недалеку од градот Белимина, ќе користи и до 40.000 тони измет од кокошки годишно и ќе генерира 3MW електрична енергија, што ќе биде доволно за 4.000 домови.

„Фабриката ќе го претвора изметот од кокошки во биогас што ќе се користи за производство на зелена енергија. Истовремено, хранливите состојки од изметот ќе се користат како еколошко ѓубриво како замена за хемиските ѓубрива за фармите“- вели Јорген Балерман, извршниот директор на компанијата „Xergi“, која ќе биде главен набавувач на суровина и воедно акционер во проектот.

Една од намерите на овој проект е справување со изметот од кокошките на начин со кој ќе се заштити животната средина, подобар од традиционалната практика ѓубрето необработено да се расфрла на земјиштето.

Поради специфичните компоненти што ги содржи изметот од кокошките, досега беше неопходно количеството на изметот што се преработува во фабриките за биогас да биде мало и да се меша со други видови суровина.

Компанијата „Xergi“ креирала процес што овозможува фабриките за биогас да го користат  изметот од кокошки како единствена суровина.

Според плановите централата би требало да почне со работа на почетокот на 2018 година.

Поддржете ја нашата работа: