Сакате ли зачинета храна? Доколку е така, може да живеете подолго, велат истражувачите од Колеџот за медицина Ларнер на Универзитетот во Вермонт, кои откриле дека конзумацијата на лутите црвени пиперки се поврзува со 13 процентно намалување на морталитетот, првенствено кај смрт од срцев или мозочен удар.
Со векови пиперките и зачините се сметале за корисни во третманите против болести, но само една друга студија спроведена во Кина во 2015 година претходно ја разгледувала конзумацијата на чили пиперките и нивната поврзаност со смртноста. Оваа нова студија ги потврдува наодите на претходната.
Со собирање на податоци од повеќе од 16.000 Американци кои биле следени 23 години, студентот по медицина Мустафа Чопан и професорот по медицина Бенџамин Литенберг, ги испитувале основните карактеристики на учесниците според конзумацијата на лутата црвена пиперка.
Тие откриле дека оние кои конзумирале лути црвени пиперки имала тенденција да бидат „помлади, белци, мексикански-американци, во брак, кои пушат цигари и пијат алкохол, и конзумираат повеќе зеленчук и месо и имаат понизок ХДЛ холестерол, помали приходи и помало образование“ во споредба со учесниците кои не конзумирале лути црвени пиперки. Тие ги испитувале податоците од следењето на пациентите во рок од 18,9 години, го разгледале бројот на смртни случаи и потоа ги анализирале конкретните причини за смрт.
„Иако механизмот со кој пиперките би можело да ја одложуваат смртта е далеку од сигурен, каналите „TRP“, кои се основните рецептори за лутите агенси како капсаицинот (главната состојка на лутите пиперки) би можеле да бидат делумно одговорни за забележаниот однос“ – велат авторите на студијата.
Постојат некои можни објаснувања за здравствените придобивки од лутите црвени пиперки, објаснуваат Чопан и Литенберг во студијата. Меѓу нив е и фактот дека капсаисинот игра улога во клеточните и молекуларните механизми кои ја спречуваат дебелината и го модулираат коронарниот проток на крвта, и исто така има антимикробни својства кои „може индиректно да влијаат на домаќинот преку промената на цревната микрофлора“.
„Бидејќи оваа студија додава на валидноста на досегашните сознанија, конзумацијата на чили пиперките или пак зачинетата храна може да стане препорака за исхраната и да придонесе за понатамошни истражувања во форма на клинички студии“- додава Чопан.
Студијата е објавена неодамна во „PLoS ONE“.