Лилјаците имаат сопствени сообраќајни правила

Истражувачите проучувале пар Даубентонови лилјаци (Myotis daubentonii). Овие летечки цицачи се ориентираат во својата околина преку испуштање на гласни и пискави звуци и го слушаат повратното ехо што допира до нив. Научниците успеале да го измерат овие звуци кај лилјаците кои се движат заедно и да пресметаат колку поединечно восприема секој лилјак.

Наодите покажале дека лилјаците имаат сопствени интересни „сообраќајни правила“ кога се бркаат меѓусебно, кога прават вртења во пар, па дури и успоруваат за да избегнат судир.

Лилјаците ја менуваат улогата водач-следбеник кога изведуваат координирани маневри со копирање на правецот што го користи блиската единка пред него, до 500 милисекуди порано (500 милисекунди е скоро исто како едно трепнување на човечкото око кое изнесува 300 до 400 милисекунди).

„Се чини дека лилјаците имаат усвоено еден едноставен трик. Кога една единка ќе се најде доволно блиску за да можат да го слушнат нивното ехо, тие го копираат нивниот правец на движење со брзина скоро како едно човечко трепнување“ – велат истражувачите.

Квантифицирањето на овие движења на лилјаците може да има импликации и надвор од животинскиот свет. Со примена на оваа стратегија на движење, што природата ја оптимизирала во текот на милиони години, инженерите би можеле да ја подобрат ефикасноста на мисиите за потрага и  спасување, задачите за следење, како и операциите за надгледување преку летечките дронови и самодвижечките возила, нагласуваат истражувачите.

Истражувањето е објавено во „PLОS Computational Biology“.

 

Поддржете ја нашата работа: