Јадро во јадрото на Земјата

Научниците од Универзитетот во Илиноис, заедно со колегите од Универзитетот Нанјинг во Кина, со помош на технологијата за детектирање на земјотреси откриле дека во јадрото на Земјата има уште едно јадро, кое има изненадувачки својства и може да открие информации за нашата планета.

„Иако внатрешното јадро е мало, всушност помало од Месечината, може да ни каже како се формирала нашата планета, нејзината историја и други динамички процеси на Земјата, како и да го оформи нашето познавање на она што се случува во внатрешноста на Земјата“, истакнуваат научниците.

Научниците користеле сеизмички бранови за да ја скенираат внатрешноста на Земјата, слично како што докторите користат ултразвук за да гледаат во внатрешноста на пациентите. Тие користеле технологија која не ги собира податоците од првичниот потрес на земјотресот, туку од брановите кои резонираат по земјотресот.

Така научниците откриле дека јадрото, за кое се сметало дека е составено од железо, има посложени структурни својства. Тоа има уште едно внатрешно јадро, околу половина од дијаметарот на целото јадро. Кристалите од железо на целото јадро се подредени во правец север-југ, додека во внатрешното во правец исток-запад. Покрај тоа што се подредени различно, кристалите во внатрешното јадро и се однесуваат различно, што значи дека можеби внатрешното јадро е составено од различен вид на кристали или различна фаза.

 

 

„Во текот на историјата, можно е јадрото да претрпело одредени деформации и можеби во тоа се наоѓа клучот за еволуцијата на нашата планета“, велат научниците. „Се наоѓаме буквално во центарот на Земјата“.

Истражувањето е објавено во „Nature Geoscience“.

ЕНаука.мк
Ви благодариме за секоја ваша поддршка , донација и сугестија BTC=15qk6EUHTeHF9Y6mava8sJFcJVpWXAidK6 DOGE=DNQUB9HjQKpW353XsG44D9X34JhD5YcCXm ETH=0x760607ca70be5720f68c848ede4dd3bc530e032c SOL=E7xEBsmHDcZ7VPzU7ZFYY34mpbpZxnMtRA9nTytDAmJt