Д-р Митов: Како да се заштитите од штетни производи и совети за здравјето?

Имаше една реклама пред неколку години во која една мила бабичка препорачуваше одредени капки и на крајот од рекламата бабичката велеше дека тие капки „за све помажу”. И иако во прв момент човек може да се насмевне и тоа да му звучи симпатично, ако малку повеќе размислиме ќе сфатиме дека таа реклама всушност е манипулативна, дека не постојат волшебни капки кои „за све помажу”, дека голем број луѓе барајќи лек за својата болест можеби и официјалниот лек ќе го заменат со такви или слични производи, и дека конечно  некој им ги зема парите нечесно. Премногу сериозни последици од една несериозна реклама.

Точно е дека државата треба да ги штити луѓето од вакви ситуации, и државата тоа донекаде успешно го прави (особено после донесувањето на Законот за алтернативна медицина), меѓутоа, оној кој може вистински да се заштити од манипулации е всушност самиот пациент. Со едукација за сопственото здравје, со споредување на мислења на повеќе и различни стручни лица и со блага доза на здрав скептицизам – секој може доволно да се образува за да го заштити сопственото здравје.

Возрасниот човек бездруго е одговорен за своето здравје. И одлуките кои ги носи за тоа со кого да се консултира, кого да „послуша” и чии совети да примени, а чии не – во крајна линија зависат од здравствената едукација на секој пациент. Здравствената едукација е дел од општата култура на живеење, и науката јасно покажува дека оние кои се едуцираат за своето здравје – и имаат подобро здравје, како резултат.

Но можеби најтешкото прашање е: во ера на преплавеност со информации (телевизии, радиа, книги, експерти и „експерти” за здрава храна, портали…) – како да го раздвоиме житото од какол? Како да процениме која информација е точна?
За среќа, има неколку едноставни правила кои можат да придонесат во правец да донесете правилна одлука за вашето здравје.

1.    Струката на лицето кое ви дава совет

За жал, не ретко кај нас може да најдете агрономи, машински инженери, хемичари… и останати неуки и самоуки како даваат совети за здравје. Првото прашање кое треба да му го упатите на билокој кој претендира да ви дава совет (за пари или без пари, сеедно) е: која  му е струката? Ако некој ви каже дека има технолошки факултет, ама и некој курс за здравје, а вие го послушате – треба да разберете дека своето здравје го изложувате на ризик. Би се нафатиле ли да ви ја дизајнира и гради куќата хирург? Или обратно, да ве оперира архитект? Не помала штета може да предизвика и советот од нестручно лице!

Значи, ова би бил првиот критериум.

Да напоменам: не сум против алтернативната медицина, но и алтернативната медицина бара сериозна наобразба во конкретната област (на пример – хомеопатија).

2.    Не постојат експерти за се’

Ако некој лекар е одличен хирург – тоа не значи дека има одлични познавања од ендокринологијата, ревматологијата или правилната исхрана. Особено не за исхраната бидејќи, за жал, исхраната е многу малку застапена во официјалното медицинско образование. За да се следат трендовите и најновите студии во областа на правилната исхрана треба многу и редовно да се чита т.е. еден лекар би требало да се посвети на таа област. Едноставно кажано, медицината е преобемна и за таа цел е сегментирана, поделена на области.

Исто како и кај капките, нема ни доктори кои „за све помажу”.

3.    Пазете се од популарни трендови и производи

Во последно време се случува да се популаризираат одредени производи без истите да имаат докажани позитивни здравствени ефекти, а некои од нив се и буквално опасни по здравјето.
Пример за популарен, а безопасен тренд е т.н. исхрана според крвни групи. Нема ниту едно сериозно научно истражување кое потврдува дека има барем некаква вистина во оваа диета.

Пример за популарен, а опасен производ е германиумот. Впрочем, уште во 90-тите години Американската агенција за храна и лекови предупредува дека германиумот е опасен по здравјето. Истотака, и Германското федерално Министерство за здравство предупредува дека дури и мали дози германиум може да имаат сериозни последици по здравјето, па дури и да предизвикаат смрт.

Никој не е виновен ако досега не знаел или бил доведен во заблуда за исхраната по крвни групи или германиумот. И за многу други слични теми. Но, ги наведувам само како примери за тоа што се’ може да се чуе по интернет, радиа или телевизии, дури и да биде препорачано од некого, а да е штетно за нашето здравје.
Од тоа има само една одбрана – да се едуцираме.

И се разбира, секој сам одлучува за сопственото здравје.

Поддржете ја нашата работа: