На нобеловецот Џејмс Вотсон му се одземени почесните титули поради расизам

На американскиот добитник на Нобелова награда, Џејмс Вотсон, кој ја откри структурата на ДНК, му се одземени почесните титули бидејќи ги повтори расистичките коментари во новиот документарен филм.

Вотсон, кој во 50-тите години од минатиот век заедно со Френсис Крик ја открил структурата на ДНК , во документарниот филм вели дека гените се одговорни за разликата во интелигенцијата меѓу белците и црнците.

Лабораторијата „Колд спринг харбур (CSHL), “ која Вотсон ја водел од 1968 до 1993 година, ги осуди неговите коментари нарекувајќи ги срамни.

Лабораторија соопшти дека недвосмислено ги отфрла неоснованите и безобзирни лични ставови што ги изнесе д-р Џејмс Вотсон додавајќи дека неговите изјави беа осудени и дека немаат никаква врска со науката.

Славниот молекуларен биолог додава и дека иако се надевал дека сите човечки единки се еднакви, “луѓето кои вработуваат црнци установиле дека тоа не е вистина”. Вотсон во 2007 година, за британскиот весник „Сандеј тајмс“ изјави дека е длабоко загрижен за иднината на Африка бидејќи сите наши општествени политики се врз основа на фактот дека нивната интелигенција е како нашата, а истражувањата го покажуваат спротивното.

CSHL поради овие изјави го лиши од сите административни должности, но ги задржа почесните наслови сè до овој момент.

И додека Вотсон се извинил за изјавите од 2007 година, во документарецот „Американските великани: Декодирање на Вотсон“, прикажан на 2 јануари, тој вели дека не го има променето своето мислење.

Тоа беше последната во серијата расистички и ксенофобични изјави што ја одбележаа кариерата на Вотсон.

Во 1997 година, британскиот весник “Сандеј телеграф” ја пренесе неговата изјава дека на жените треба да им биде дозволено да абортираат без разлика на причината, дури и ако фетусот носи ген за хомосексуалност.

На предавањето во 2000 година, Вотсон говореше за постоењето на врска помеѓу телесната тежина и амбициозноста на луѓето, како и помеѓу бојата на кожа и сексуалната вештина.

Во британскиот документарец од 2003 година, добитникот на Нобелова награда за медицина 1962, сугерирал дека е глупост да се лекува било која генска болест.


;

Поддржете ја нашата работа: