Како ги гледаме работите околу нас?

Познато е дека има мали разлики во тоа како луѓето ги гледат работите околу себе, но овие разлики не се ограничени само од варијациите на тоа како мозокот ги процесира боите и светлината.

Едно ново истражување направено од Универзитетот Џон Хопкинс покажува дека знаењето што го поседуваме влијае на тоа како визуелно ги восприемаме работите. Во експериментот истражувачите тестирале на кој начин луѓето гледаат напишани знаци, но велат дека наодите можат да се применат и на било кој објект што се гледа – лица, возила и животни.

Својата хипотеза дека предзнаењето влијае на визуелната перцепција, истражувачите ја тестирале на две групи луѓе, со многу различно познавање на арапското писмо.

Едната група ја сочинувале 25 експерти по арапски јазик, а другата почетници кои не ги познавале арапските знаци. Им биле покажани последователно 2.000 пара од арапски знаци, а учесниците требало да одговорат дали знаците се исти или се разликуваат. Се покажало дека почетниците побрзо ги разликувале знаците, а експертите биле попрецизни. Но кога им биле покажани покомплексни знаци, почетниците биле поспори во своите одговори. Кога биле собрани сите резултати, било очигледно дека познавањето на јазикот влијаело на визулната обработката на сличностите.

Ова не е прво истражување кое покажува дека познавање на јазикот може да го промени начинот на кој мозокот ги третира информациите. Мината година едно истражување покажа дека првиот јазик што луѓето ќе го научат во животот создава некој вид на шема во мозокот која влијае на начинот на кој го обработуваме секој јазик што ќе го научиме подоцна во животот.

Се чини дека работите што ги учиме и ги знаеме имаат значителен ефект на нас, за што понекогаш и самите не сме свесни, велат истражувачите.

Наодите од истражувањето се објавени во „Journal of Experimental Psychology“.

Поддржете ја нашата работа: