Како ќе знаеме дека сме откриле вонземски живот

„Со огромниот напредок во астрономијата и големиот број на егзопланети на кои може да има услови за живот, веќе не е прашање дали, туку кога ќе најдеме вонземски организми“– вели Теренс Ки, претседател на Астробиолошкото здружение на Британија. Но, вистинскиот проблем е како ќе одредиме дека навистина сме нашле вонземски живот, додава тој.

Ки истакнува дека реално ние сме во состојба да детектираме живот со биохемија слична на Земската и веројатно тоа би биле тела кои имаат течна вода и некаква форма на независен геолошки извор на енергија. Тој се надева дека вселенските сонди ќе направат откритија во таа насока, но вели дека сите потенцијални наоди од овие сонди би биле само навестување, без капацитет дефинитвно да го одредат постоењето на вонземски форми на живот.

Во таа потрага по вонземски живот би можеле од помош да бидат и метеоритите, со надеж дека матичното тело од каде потекнуваат овие карпи има услови за живот. Ако имаме среќа остатоците од живот да не се уништиле и да се здржале во тие примероци, вели Ки.

Најголемиот предизвик е јасно да се идентификува дали тие фирми на живот постоеле на метеоритот што се проучува, долго време пред да навлезе во атмосферата на Земјата. Пред да се утврди тоа, секој нов наод би бил само потенцијален знак за вонземски живот. На пример, во 2011 година, Ричард Б. Хувер, астробиолог во НАСА, тврдеше дека открил остатоци од живи организми што потекнуваат од матичкото небеско тело на една ретка класа на метеорити, наречени „CI1“ јаглеродни хондрити. Хувер тврдеше дека комлексните нишки вградени во „CI1“ јаглеродните метеорити се остатоци од домородни микрофосили од цијанобактерија.


 

Тврдењата на Хувер предизвикаа контроверзи и НАСА се дистанцираше од неговите заклучоци, посочувајќи на недостатокот на други стручни анализи. Наодите беа отфрлени  кратко време по објавувањето.

Неодамна, двајца научници сугерираа дека на кометата 67П/Чурјумов-Герасименко – што ја проучува вселенското летло „Розета“ на Европската вселенска агенција, содржи микробиолошки вонземен живот. Професорите Чандра Викрамасинг од Универзитетот во Бакингем и Макс Валис од Универзитетот во Кардиф, инсистираат на тоа дека карактеристичните обележја на кометата, меѓу кои црната кора богата со јаглерод, големите рамни „мориња“, кратерите со рамно дно и големите карпи „расфрлани“ по површината, можат да се објаснат само од присуство на живот.

Но, и овие тврдења предизвикаа скептицизам кај останатите научници чија специјалност е потрага по вонземен живот. Тие ја отфрлија новата хипотеза, нагласувајќи дека сложените органски материи се создаваат на многу места во Сончевиот систем, преку фотохемиски процеси и можат да претставуваат само доказ за абиотска хемија.

Досега не сме откриле ниеден убедлив доказ за вонземски живот во метеоритите. Сепак Ки не е обесхрабрен од долготрајните потраги и постојаниот скептицизам. Тој гледа во иднината со надеж.

„За да стигнеме до посакуваното, ќе треба да истражиме што е можно повеќе метеорити – и секако ќе ни треба и многу среќа“, заклучува Ки.

Преземено од „Phys.org“.

Поддржете ја нашата работа: