(Р) Во ноември 2013 година, Мерик Мекој од Колорадо, направил „селфи“ со својата 19-месечна ќеркичка и го објавил на Фејсбук, а потоа го убил бебето и се застрелал себеси. „Не ме осудувајте, немав избор“- напишал тој на Фејсбук.
Медуимите го нарекоа „Фејсбук убиство“ и така интернетот стана „главниот виновник“.
„Да се обвини Фејсбук за овие злосторства е исто како да се обвинат ножевите за прободување“, вели криминологот Елизабет Јардли.
Таа, заедно со колегата Дејвид Вилсон, ја објавиле првата анализа на феноменот „Фејсбук убиство“ во „Howard Journal of Criminal Justice“. Тие анализирале 48 случаи на убиства со и без умисла во кои Фејсбук имал значителна улога и дошле до изненадувачки заклучок дека Фејсбукот е навистина алатка која модерните убијци ја користат, меѓутоа социјалните медиуми во никој случај не предизвикуваат или овозможуваат никаква криминална активност. Тука се наметнува прашањето, како убијците го користат Фејсбук?
Иако „Фејсбук убиецот“ не претставува нов вид на убиец, сепак сторителите може да се групираат во шест специфични профили, во зависност од тоа како го користат Фејсбук за да ги извршат злосторствата. Додека некои убијци, како Мекој, ги објавуваат своите намери, други го користат за да ја изјаснат својата вина, како на пр. „Фејсбук убиецот“ Дерек Медина кој објавил слика од мртвото тело на својата сопруга и го признал убиството.
Шесте профили вклучуваат:
- „Реактор“– реагира на некоја содржина од веб-страницата што го нервира и ја напаѓа жртвата веднаш по читањето или по одреден период
- „Информатор“– ја користи страницата за да информира за своите намери да убие или да информира за веќе извршеното убиство
- „Антагонист“– се впушта во непријателски односи на интернет, што доведува до тоа да биде насилен во реалноста
- „Фантазер“– преку интернетот се впушта во некоја фантазија и можно е убиството да е резултат на желбата да ја одржи фантазијата, бидејќи се потешко ги разликува реалноста и фантазијата
- „Предатор“– создава лажен профил со цел да ги намами жртвите
- „Натрапник“– објавува содржини во името на некој друг, со цел да стигне до жртвата или пак, дури и од името на самата жртва за да го прикрие злосторството
Во случаите кои ги анализирале, Јардли и Вилсон најчесто се среќавале со „реакторот“, „информаторот“ и „антагонистот“. Само 12,6 % од случаите биле „предатори“.
Тие всушност се и против користењето на терминот „Фејсбук убиство“, бидејќи убијците кои користат Фејсбук не се разликуваат многу од оние кои не користат. Во двата случаи, сторителите се главно мажи и ја познаваат жртвата.
Што значи, интернетот нема никаква врска со начинот и бројот на убиства, туку колку и да е вознемирувачки, убијците, за жал, го користат како средство преку кое стекнуваат „популарност“, исто како и преку останатите медиуми.