Родителите често ги оправдуваат лошите навики и постапки на своите деца, бидејќи сметаат дека тоа се само фази кои наскоро ќе поминат. Меѓутоа, постојат ситуации во кои родителите би требало веднаш да реагираат.
Психолозите предупредуваат дека следниве проблеми во однесувањето не смеете никако да ги игнорирате, бидејќи вашите деца ќе сносат последици кога ќе пораснат.
1. Вашето дете ве прекинува додека разговарате
Зошто ова однесување не треба да се игнорира: Вашето дете е доста зборлесто и постојано сака нешто да каже или да праша, а со самото тоа постојано го прекинува вашиот разговор со другите луѓе. Психолозите советуваат дека е неопходно детето да го научите да не обрнува премногу внимание на себе, да биде толерантно и да им пружа шанса на другите да зборуваат. Ова однесување треба да се искорени уште додека децата се мали, бидејќи доколку го прифатат ваквото однесување ќе имаат проблеми во текот на растењето и понатаму во животот.
Како да се реши овој проблем: Ако сте кај пријатели или имате гости, кажете му на детето уште пред посетата, да не ве вознемирува додека разговарате, освен ако ситуацијата не е итна (или барем да почека додека не ја довршите реченицата). Потрудете се да детето прави нешто забавно додека разговарате, а ако не сака да се одвои од вас, објаснете му да седи мирно. Кога ќе го завршите разговорот, дозволете му на детето да ве праша или каже што сака.
2. Во текот на играта, вашето дете е насилно
Зошто ова однесување не треба да се игнорира: Доколку вашето дете во текот на играта постојано ги турка своите врсници, ги штипе или им зема играчки, јасно е дека имате проблем со агресивно однесување. Ако ова не го спречите додека детето е мало, психолозите велат дека од осмата година ќе биде потешко да го воспитувате и да му укажувате на грешките. Ако не реагирате на време, детето ќе го прифати насилството како легитимен начин на однесување.
Како да се реши овој проблем: Кажете му на детето дека ни случајно не смее да се однесува агресивно и прашајте го како ќе се чувствува ако некој друг се однесува така со него. Кажете му дека нема да му дозволите да си игра доколку продолжи со такво однесување. Помогнете му на детето да од себе го извади бесот и вишокот на енергија, запишете го на некој спорт. Доколку сами не можете да го искорените таквото однесување, консултирајте се со психолог.
3. Детето се прави дека не ве слуша
Зошто ова однесување не треба да се игнорира: Ако по неколку пати му повторувате на детето да ви донесе нешто или да ги собере играчките, а тоа не реагира, тука веќе имате проблем. Никако не го правете она што сте го барале од детето, бидејќи тоа ќе смета дека вас може да ве контролира во секоја ситуација. Доколку не го спречите ова однесување, неизбежно детето ќе стане пркосно и ќе ја изгубите контролата над него.
Како да се реши овој проблем: Ако детето не ве слуша ни после третото повторување, пријдете му, ставете ги рацете на неговите рамена, изговорете го неговото име и малку погласно кажете му што треба да направи. Повторувајте му се додека не ве послуша за да му покажете дека вие сте тие кои контролираат а не тоа.
4. Детето зема предмети без прашање
Зошто ова однесување не треба да се игнорира: Во ред е ако детето сака да си земе чоколадо понекогаш без прашање, да смени канал на телевизија, седне на компјутер, но доколку зачестат таквите постапки, не почитувајќи ги вашите правила, тогаш ќе имате проблем кога ќе нарасне. Детето кое знае дека се што сака му е на дофат, нема да знае за граници и вашите правила нема да му значат ништо кога ќе стане адолесцент.
Како да се реши овој проблем: Разговарајте со него за правилата кои мора да ги почитува, и кога ќе ги прекрши истите повторно разговарајте Не дозволувајте ќесто да се прекршуваат вашите правила, бидејќи тоа ќе му стане навика.
5. Детето завзема лош став
Зошто ова однесување не треба да се игнорира: Ако детето превртува со очите кога го критикувате или ви се потсмева и ги поновува вашите зборови, никако не го игнорирајте ваквото однесување. Многу родители мислат дека е фаза на растење и ќе помине, но нема само од себе ако вие не го спречите. Вакво однесување детето во развој ќе има и со сите други бидејќи ќе мисли дека е нормално сите да го толерираат како вас.
Како да се реши овој проблем: Објаснете му убаво на детето дека таквото однесување е неприфатливо. Ако детето продолжи, кажете му дека нема да го слушате се додека убаво не ви се обрати.
6. Вашето дете лаже
Зошто ова однесување не треба да се игнорира: Никако не треба да се инхибира детската фантазија, но ако детето лаже основни работи, тогаш е време да реагирате. Психолозите предупредуваат дека кога детето премногу лаже, тоа влијае на неговиот развој. Децата никогаш нема да прифатат кои се всушност, и секогаш ќе лажат, сметајќи дека тоа е прифатливо.
Како да се реши овој проблем: Објаснете му на детето дека е лошо да лаже и дека секогаш треба да ја зборува вистината, дури и ако таа е лоша. Научете го дека ако лаже веќе никој нема да му верува потрудете се да го направите тоа на личен пример. На пример, ако детето често лаже, кога вели дека ги измило забите, натерајте го да ги измие уште еднаш за да свати дека не му верувате, и повторувајте се додека не ја свати лекцијата.