1.500 години до контакт со вонземјани ?

Иако досегашната потрага по вонземен живот не вроди со плод и можеби се чини дека е залудна, една нова студија објаснува зошто сѐ уште не треба да губиме надеж – едноставно ќе ни треба малку трпение.

Или можеби малку повеќе трпение, бидејќи самата големина на Млечниот Пат укажува дека може да поминат и до 1.500 години пред реално да може да очекуваме одговор од вонземјаните до кои стигнале сигналите испратени од Земјата, велат астрономите.

„Сѐ уште не сме добиле знаци од вонземјаните затоа што Универзумоте е многу голем но тоа не значи дека не постојат. Можно е да слушнеме знаци во секое време, но поверојатно е дека тоа ќе биде после 1.500 години од сега“- вели студентот по астрономија Еван Соломонидес од Универзитетот Корнел.

„Дотогаш, можеби ќе ни се чини дека сме сами – дури и ако не сме“- додава тој. „Но, ако престанаме да бараме, можеме да ги пропуштиме сигналите. Затоа е потребно и понатака да продолжиме со потрагата“.

Соломонидес е ко-автор на студијата што беше презентирана неделава на состанокот на Американското астрономско здружение во Сан Диего, Клифорнија. Студијата претставува анализа на веројатноста на она што е познато како Фермиев парадокс.

Именуван по италијанскиот физичар Енрико Ферми, Фермиев парадокс се нарекува спротивноста помеѓу проценката за висока веројатност од постоење на вонземска цивилизација и недостатокот на докази за контакти со таквите цивилизации – односно потенцира колку е необично што досега не сме имале никаков контакт со вонземјани. Бидејќи, според проценките на научниците, Млечниот Пат содржи помеѓу 100 и 400 милијарди ѕвезди, тогаш голема е веројатноста на многу од овие ѕвезди да постои живот сличен како на Земјата или хабитабилни планети кои можат да поддржат живот.

Исто такаверојатно е дека некои од овие форми на живот можеле да се развијат во интелигентни или напредни видови, способни да развијат моќни комуникациски технологии или патувања во вселената слични какви што има и човечкиот род. Ако се прифатат овие работи, парадоксот станува јасен.

„Дури и нашата галаксија, која не е исклучително голема во споредба со другите галаксии, е непоимливо голема“- вели Соломонидес. Овие податоци го прават Фермиевиот парадокс толку контрадикторен. Досега сме допреле до многу ѕвезди и планети и сигурно би требало да сме допреле и до некого. Тоа што изгледа дека сме сами, не значи дека и фактички сме сами, укажуваат истражувачите. Сепак, сигналите што од Земјата се испраќаат низ Млечниот Пат, во форма на ТВ и радио сигнали се пренесуваат само 80 години.

Овие сигнали би се пренесувале надвор од Земјата во форма на сфери, објаснуваат истражувачите. Бидејќи тие би патувале со брзина на светлината, а со оглед на тоа дека се емитуваат 80 години, тоа значи дека нашите сигнали достигнале радиус од 80 светлосни години од Земјата. За да биде појасно, една светлосна година изнесува околу 9,5 трилиони километри.

4308-satellite

Иако ова изгледа многу, со оглед на севкупната големина на галаксијата, анализите на истражувачите сугерираат дека сигналите што сме ги испратиле во вселената сѐ уште немаат стигнато до доволен број на ѕвезди и планети од кои би можеле да очекуваме одговор.

Под претпоставка дека Млечниот Пат содржи 200 милијарди ѕвезди, истражувачите пресметале дека нашите сигнали досега стигнале до околу 8.531 ѕвезди и 3.555 планети слични на Земјата, но тие сметаат дека тоа не е доволно за да можеме да очекуваме договор наскоро. Но, веројатно е дека тоа ќе се случи во следните 1.500 години.

Иако 1.500 години изгледаат како цела вечност што човештвото треба да го помине во чекање, ова истражување барем ни овозможува малку подобро да разбереме зошто досега не нѐ контактирала некоја напредна цивилизација.

Истражувањето е достапно на веб страната „arXiv.org“.

Поддржете ја нашата работа: